Високи дипломатски извори во НАТО велат дека не се очекуваат никакви блокади за издавањето на поканата за Македонија на утрешниот Самит.
Кон крајот на јуни, Њујорк Тајмс објави информација според која Доналд Трамп би можел да ја блокира поканата за НАТО за Македонија поради неговите односи со Владимир Путин. Денеска високи дипломатски извори велат дека нема никаква индикација за такво нешто, пренесува МИА.
– Ниту еднаш немало никаква индикација дека Вашингтон би го сменил пристапот за да си ги подобри односите со Русија, категорични се дипломатите во НАТО.
Американската амбасадорка во НАТО денеска самата потврди дека САД сака да ја види Македонија членка на НАТО, но порача дека е неопходно за тоа граѓаните да го потврдат Договорот со Грција на референдум.
– Народот во Македонија ќе одлучи кое е името на нивната земја.Тоа е суверена работа и е нивно право, се разбира. Ние би сакале Македонија да стане членка на НАТО, но за да се случи тоа мора да има договор за името, кој ќе ни овозможи да имаме едногласна одлука за старт на преговорите и мислам дека би било огромно назадување за членството во НАТО ако го одбијат договорот склучен помеѓу Грција и сегашната Република Македонија, изјави за новинарите американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон.
Од НАТО, исто така, велат дека не гледаат како би можела Македонија да стане членка на НАТО доколку пропадне референдумот.
– Ако не се комплетираат процедурите, не очекуваме консензус за ратификација на членството, договорот вклучува заокружување на процедурите за да се потврди дека договорот е спроведен, вели висок дипломат на НАТО.
НАТО и сите земји членки остануваат на ставот дека заеднички прифатлив договор за името и комплетирање и спроведување на сите внатрешни процедури значат зачленување на Македонија во Алијансата.
Земјите членки утре ќе се согласат да и ја издадат на Македонија поканата за да ги започне процедурите за зачленување.
Тие процедури се истите како и за сите претходни земји кандидатки. Македонија и земјите членки ќе се договорат за пристапен план во Алијансата кој содржи два елемента, објаснуваат високи дипломатски извори во НАТО.
Првиот елемент се однесува на генералните услови применливи на секоја земја кандидат. Од една страна тука се реформите кои се бараат од сите земји, од друга се финанските обврски на земјата кон буџетот на Алијансата.
Вториот елемент се реформите специфични за земјата кандидат.
– Овие реформи се дискутираат со земјата, потоа земјата ни дава план за имплементација, по што следува пристапниот протокол, кој треба да го потпишат и ратификуваат сите земји членки, објаснува овој дологодишен дипломат во НАТО.
Од НАТО се, исто така, свесни дека Русија би можела да се вмеша во референдумската кампања и да шири лажни вести во тој контекст.
Од Алијансата потсетуваат дека, пред сѐ, е на земјата сама да се бори против дезинформациите и дека НАТО нема намера да се занимава со демантирање на лажните вести од Москва, туку да се фокусира на давање „реални информации“. Во НАТО постојат и финасиски средства кои се на распологање за земјите членки и кандидати за подобро информирање на народот за тоа што точно значи НАТО, потсетуваат дипломатите.
– Сакаме да даваме вистински информации за да објасниме што е НАТО, не сакаме да демантираме дезинформации, туку да ја кажеме вистината. Ќе се обидеме и да обезбдиме говорници, брифери, лидери кои ќе одговараат на прашањата, но секогаш само на барање на владата. Имаме и ресурси на распологање за подобрување на стратешката комуникација, подвлекуваат од НАТО.
Од НАТО потсетуваат дека Алијансата самата сака да негува добри односи со Русија, и потсетува дека е единствената западна организација со структуриран дијалог со Москва преку својот Совет НАТО-Русија. Алијансата истакнува и дека земјите кандидати сами побарале членство во НАТО, и дека НАТО „никого не присилува“./МИА