НАТО пред пресудата за Додик: Ќе го спречиме секој обид за дестабилизација

од Nikola Popovski
304 прегледи

Седиштето на НАТО во Сараево и мисијата на европските мировни сили во Босна и Херцеговина соопштија дека ќе спречат каков било обид за дестабилизација во земјата, откако претставниците на Република Српска најавија дека ќе преземат радикални мерки доколку нивниот лидер Милорад Додик биде осуден.

За среда во Сараево е најавено објавување на пресудата за претседателот на ентитетот на РС за непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник, Кристијан Шмит.

Додик и бројни српски функционери најавија радикални мерки доколку биде осуден. Во Република Српска ќе започне дводневен протест, додека тамошната опозиција повика на бојкот на собирот.

Седиштето на НАТО во Сараево нагласува дека ќе преземе мерки за спречување на дестабилизација, нагласувајќи ја важноста од зачувување на стабилноста, со поддршка на мисијата на ЕУ Алтеа.

„Нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум или да се загрози тешко стекнатиот мир“, велат оттаму.

ЕУФОР во посебно соопштение соопшти дека се подготвени да реагираат.

„И покрај моменталната стабилност, ние остануваме подготвени да интервенираме доколку дојде до влошување на јавниот ред или закана за безбедноста на цивилите“, изјавиле оттаму.

Претходно, Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина повика да се избегне подигање на тензиите и да се прифати првостепената пресуда на Судот на БиХ.

Во денешното обраќање на „Х“, Додик го обвини за прогон поранешниот американски амбасадор во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи.

Портпаролот на СНСД, Радован Ковачевиќ најави референдум за новиот Устав на Република Српска, кој, според него, треба да ги „елиминира незаконските одлуки на високите меѓународни претставници“. Тој ги повика граѓаните на митинг за поддршка на Додик на 25 февруари.

Опозицискиот функционер Игор Црнадак ги повика граѓаните да го избегнуваат собирот на Додик и да не ја поддржуваат владата.

Обвинителството на БиХ бара затворски казни и повеќегодишна забрана за политичка активност за лидерот на РС, Милорад Додик и поранешниот вршител на должноста директор на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ.

Слични содржини