НАТО работи на создавање солидни гаранции за Украина

од desk2
6 прегледи

Сојузниците од НАТО и Украина заедно работат на безбедносните гаранции за Киев, за да бидат сигурни дека Русија нема повторно да нападне, истакна денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

„Солидни безбедносни гаранции ќе бидат од суштинско значење и во моментот работиме на тоа“, посочи Руте.

Зеленски истакна дека Русија прави сè за да спречи средба помеѓу лидерите на Украина, САД и на Русија.

„Прашањето за прекин на војната треба да се реши на ниво на лидери, но сега гледаме дека Русите прават сè што е можно да ја спречат средбата. За разлика од Русија, Украина не се плаши од никакви средби со лидери. Ние сме подготвени продуктивно да работиме, до максимален можен степен“, наведе Зеленски.

Тој вели дека меѓународниот фактор мора да изврши притисок врз Русија.

„Треба да ги принудиме да се вклучат во дипломатијата. Потребни ни се навистина силни санкции, ако тие не се согласат на дипломатско решение за оваа војна, ако не сакаат да ја завршат. Сметаме на силни санкции од нашите партнери“, рече Зеленски.

Зеленски нагласи дека тој и Руте разговарале за безбедносните гаранции за Украина од другите земји, кои, според украинскиот претседател, треба да бидат слични на Член 5 од повелбата на НАТО.

Слични содржини