НАТО расправа за поддршката за Украина и издвојувањето средства за одбраната

од Stefanija Kuzmanovska
194 прегледи

Членките на НАТО се состануваат во Брисел во среда и четврток за да разговараат за поддршката на украинските воени напори и нивната обврска да издвојат два отсто од својот бруто домашен производ за одбраната.

Состанокот во среда не е официјален настан на НАТО самитот, туку собир на сојузниците кои ја поддржуваат Украина, кој го организираа Соединетите Американски Држави. Вистинската средба на министрите на земјите членки на Алијансата ќе биде во четврток.

Разговорите во седиштето на Алијансата во Брисел беа засенети од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој на своите приврзаници на предизборниот митинг во саботата им порача дека ќе ја „охрабри“ Русија „да прави што сака“ на земјите-членки на НАТО кои не трошат доволно за одбраната.

Од 2006 година, земјите-членки се согласија да одвојат два отсто од својот БДП за одбраната, но само неколку го постигнаа тоа.

Откако Русија ја прошири својата инвазија од Крим и Донбас на остатокот од украинската територија во февруари 2022 година, земјите-членки на НАТО, најмногу Германија, ја потврдија својата посветеност за постигнување на целта од 2006 година.

Германскиот Бундестаг усвои државен буџет со кој во 2024 година ќе се издвојат два отсто од БДП за одбраната.

Целта на дискусиите во четврток е да се обидат да поттикнат повеќе сојузнички земји да ги исполнат своите обврски.

Слични содржини