5% е висока бројка меѓутоа инвестициите во одбраната се релативно широка категорија. Тоа се вообичаено капитални инвестиции кои може да бидат во клучни домени од типот на дигитализација, енергетика, инфраструктура и многу други области. Она што е поважно е да има и компонентна на истражување и развој на технологии на домашно ниво. Односно, да не се бараат само странски компании туку и да се предвидува основање на домашни компании кои ќе може да одговорат на тие предизвици. Така и тие 5% во одредена мера би останале во државата, вели во разговор за „Локално“, безбедносниот експерт Емир Хасановиќ откако Државниот секретар на САД, Марко Рубио изјави дека сите членки на НАТО ќе се согласат за целта за трошење еквивалентно на 5% од БДП за одбрана во следната деценија до самитот на НАТО во јуни 2025 година.
Хасановиќ потенцира дека сите ќе мора да вложуваат повеќе во одбраната, но, прашањето е како тоа ќе го правиме и токму тоа ќе го диктира бенефитот од оваа одлука.
-Развиените држави вака ќе го толкуваат овој развој на настаните. Собранието во дискусија за реализација на овие 5% е на потег да покаже каде припаѓаме. Стравувам од нивната неспособност да размислуваат стратешки во овој аспект, истакнува соговорникот.
Прашан дали и како Македонија може да го поднесе овој процент за одбрана, Хасановиќ оценува дека можеби недостасува креативност и разбирање за тоа што подразбираат тие 5%.
-Би било разумно МНР и владата да направат консултации со експерти, а притоа и да го консултираат Собранието и неговите механизми со цел и јавноста да го прифати ова од оптички аспект, да се гради консензус и да има целосен легитимитет како мерка—се разбира се во насока на изнаоѓање најсоодветни решенија, нагласува експертот.

Емир Хасановиќ
Хасановиќ уверува дека Македонија може да ја гарантира својата безбедност само ако сериозно самата себеси се сфати како држава. Во овој момент цени дека „фокусот е на комплетно погрешно место и дека сме катастрофално кадровски оспособени“.
-Говорам од највисоките извршни функции па се до администрацијата. Дополнително, Собранието и во една ужасна состојба каде нашите пратеници немаат никаков бекграунд во безбедносните текови, а тоа не се добива со диплома од приватен универзитет. Собранието мора да ја промени својата композиција во иднина, не смееме да си дозволиме веќе тотално просечни, ако не и потпросечни луѓе да носат одлуки кои ќе имаат децениски последици. Времињата се сериозни и бараат сериозни професионалци, апелира безбедносниот експерт.
Лани во јуни беше објавено дека Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата. Со тоа сме на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.
По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на самитот на НАТО во Хаг, каде што членовите на Северноатлантската алијанса треба да се согласат со неговото барање за значително зголемување на средствата за војската, објави вчера Белата куќа. Самитот на НАТО ќе се одржи во Хаг на 24 и 25 јуни и ќе биде првата средба на Трамп со лидерите на алијансата откако се врати на власт во јануари.
Н.П.