Високиот функционер на НАТО Џејмс Апатураи во Скопје оцени дека Македонија е под „постојан и многу циничен хибриден напад“ и најави дополнителна поддршка од Алијансата за зајакнување на сајбер безбедноста.
„Тука сме затоа што Северна Македонија веќе некое време се справува со многу цинични закани со бомби. Но, како членка на НАТО, таа не се соочува сама со овој предизвик, туку е член на семејство на демократии кои стојат заедно и меѓусебно се поддржуваат. Имам пофалби за Владата на Северна Македонија за чекорите што ги презеде за одбрана и изградба на сајбер-отпорноста на земјата“, рекол Апатураи.
Ова за медиумите го изјавил заменик-помошникот генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици по средбата со премиерот Димитар Ковачевски и министрите за одбрана, внатрешни работи и информатичко општество.
Делегацијата на НАТО потоа се сретна на експертско ниво со Советот за координација на Советот на безбедносно-разузнавачката заедница и неговиот оперативен тим.
Според зборовите на Апатурај, за време на неговата посета на Скопје, се разговарало и за чекорите за зајакнување на сајбер безбедноста на Северна Македонија и за зајакнување на механизмите за ефективно дејствување на владата.
На средбата со Ковачевски тој потврдил дека НАТО ќе продолжи да ѝ помага на Северна Македонија со знаење и техничка поддршка во борбата против хибридните напади и во градењето висок отпор на тие закани.
Владата соопшти дека на средбата на Апатураи со премиерот Ковачевски и министрите било потврдено дека земјава била изложена на „обиди за внесување страв и немир меѓу граѓаните и поткопување на довербата и кредибилитетот во институциите“.
Апатурај посочил дека предизвиците со кои се соочува Северна Македонија се предизвици и за членките на НАТО и подвлекол дека владата во Скопје сепак нема сама да се справува со хибридните закани, како што беше досега.
„НАТО ќе продолжи да споделува знаење и техничка поддршка за да изгради долгорочна отпорност“, рекол Апатураи.
Владата извести дека министрите за одбрана, за внатрешни работи и за информатичко општество денеска „имаа можност да разговараат со експертскиот тим на НАТО за досега преземените мерки и активности кои обезбедуваат стабилност и безбедност на граѓаните“.