Говорејќи пред новинарите во понеделникот, шефот на воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, рече дека верува оти силите на Кремљ сè уште претставуваат закана, иако огромното мнозинство руски копнени сили се борат во Украина, објави Политико.
„Уверени сме дека Русите ќе закрепнат“, рече тој. „Според тоа, нашите планови не се засноваат на фактичката состојба на руската војска, туку на состојбата на руската војска пред инвазијата на Украина“.
Русија, вели Бауер, „ќе ги научи лекциите од оваа војна“, а НАТО „ќе продолжи да ги гледа како сериозна закана“. Ова вклучува активности на море, во воздух и во вселената, каде што руските сили сè уште се „многу, многу способни“, како и нуклеарните капацитети.
Следниот вторник и среда, лидерите на алијансата ќе се сретнат во Вилнус, каде што ќе потпишат историски нови воени планови за регионот и ќе разговараат за тоа како да се зголемат инвестициите во одбраната додека Русија ја продолжува својата војна во Украина.
Зборувајќи за новите воени планови на НАТО, Бауер нагласи дека самитот ќе го означи почетокот на долгиот процес на имплементација.
„Мораме да ја завршиме нашата работа – да добиеме повеќе сили со поголема подготвеност, мора да тренираме според плановите, мора да ги купиме капацитетите што ни се потребни“, рече тој. „За тоа ќе биде потребно време“.
Спроведувањето на плановите се состои од зголемено регрутирање за да се обезбеди производство на доволно оружје и муниција, како и ресурси за одбрана.
„Колективно ни требаат повеќе пари за да можеме да платиме за тоа“, рече Бауер. Дополнително, новиот модел на НАТО за сили со висока готовност ќе бара „да се осигури дека сите земји имаат механизми за зголемување на бројот на луѓе достапни за вооружените сили“.
Запрашан за статусот на украинската контраофанзива, адмиралот го критикуваше наративот за разочарување од украинските сили.
„Овој тип на операција е исклучително тежок“, нагласи Бауер. „Мислам дека е за пофалба како тие се справуваат со сè… и мислам дека – од добри причини – тие се претпазливи на некои места“.