„НаТочак“ е против субвенциите на Град Скопје за купено ново еко возило: Одлуките се само за ПР и купување време

од Nikola Popovski
135 прегледи

Иницијативата „НаТочак“ реагира на предлог-одлуките на Град Скопје за субвенционирање за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон, како и субвенционирање на правни лица регистрирани за вршење на авто-такси превоз на подрачјето на градот Скопје.

Од таму велат дека се „против вакви одлуки воопшто кои служат само за ПР, купување време, greenwashing и одржување на автомобилското статус кво“.

Според нив, многу општини ќе го следат примерот и ќе почнат да даваат вакви проблематични субвенции.

-Големи субвенции (од по 3 илјади евра на физичко лице! Зарем во друга област од живеењето Град Скопје помогнал физичко лице со 3 илјади евра?!).

Кога би ги споредиле двете одлуки, предлог одлука 10 има барем некаква логика, бидејќи такси превозот е некаков тип јавен превоз со кој се прават голем број патувања (особено ако возилата се користат во повеќе смени) и ако Град Скопје сака да промовира е-автомобили, но и да има реален ефект на загадувањето, сите пари треба да се префрлат тука, односно од точка 9 во точка 10. Исто така, одлуката треба да се допрецизира, да се доработи за да има реален ефект. Град Скопје како институција која издава лиценци на такси возила, сигурно има регистар на еколошката категоризација на такси возилата. Во таа смисла предлагачот треба да изготви анализа на реалниот ефект од вакво субвенционирање (заштедените тони ПМ честички, заштедените стакленички гасови, заедно со севкупниот еколошки отпечаток), велат од иницијативата „НаТочак“.

Едната предлог-одлуката предвидува определување на износ за субвенционирање на жители на градот Скопје, за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон со која се предвидуваат 5.000.000,00 (петмилиони) денари вкупно, односно „Износот на субвенцијата за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон се утврдува во износ од 200.000,00 (двестаилјади) денари со вклучен данок на личен доход“, по физичко лице, односно за само 25 лица (или 30 лица, ако се земе просек од 1,2 патника по возило) со по просек 2 патувања дневно за секое возило, ќе се дадат 5 милиони денари градски пари.

Другата предлог-одлука е за определување на износот за субвенционирање на правни лица регистрирани за вршење на авто-такси превоз на подрачјето на градот Скопје за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон за вршење на авто-такси превоз со која се предвидуваат 5.000.000,00 (петмилиони) денари вкупно односно „Износот на субвенцијата за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон за вршење на авто-такси превоз се утврдува во износ од 200.000,00 (двестаилјади) денари по возило, но не повеќе од 5 возила по правно лице купени во 2023 година“, односно ќе се помогне купувањето на 25 такси возила кои ќе прават десетици патувања на ден секое. Ако се добие некоја статистика од такси-фирмите, веројатно ќе испадне дека само едно такси возило прави повеќе патувања од оние 25 индивидуални коли претходно заедно.

Слични содржини