Нацевска: Денарот е стабилен, инфлацијата умерена

од Vladimir Zorba
402 прегледи

Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а „подгревање” на инфлациските движења не е потребно, порача вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска, во гостување на емисијата „Утрински брифинг”.

– Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8%, во однос на очекувањата за раст од 2,2% за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред сѐ, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци. Оцените на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер и очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година. Ние сме земја којашто енергетски и суровински е зависна од увозот и движењата на светските берзи се одразуваат и на домашните цени ‒ на цените на храната и други производи. Оттаму доаѓа овој ценовен раст ‒ посочува вицегувернерката Нацевска.

Сепак, вицегувернерката истакнува дека дополнителните инфлациски „подгревања” и нивното неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.

– Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економијата. „Подгревањето” на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема нерамнотежи, а на економијата сѐ уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата ‒ вели Нацевска.

Нацевска посочува и дека кондицијата и подготвеноста на Народната банка го потврдуваат капацитетот за остварување на основните цели, а потврда за тоа е и макроекономската стабилност одржувана без прекин во изминатите 26 години.

Тоа е и благодарение на капацитетот на девизни резерви, којшто со годините го изградивме. Нивото на девизни резерви е соодветно, со покриеност на идниот увоз од околу пет месеци. Ние секојдневно ги следиме движењата на девизниот пазар, а да посочам дека во третиот квартал на девизниот пазар и откупивме вишок на девизи. Денарот е стабилен и ќе биде стабилен, а надворешните фактори и случувања не влијаат на стабилноста на курсот ‒ посочува вицегувернерката.

Во емисијата, вицегувернерката Нацевска истакнува и дека за одржување на ценовната и финансиската стабилност, од големо значење е независноста на Народната банка, којашто се споменува во сите извештаи на Европската комисија.

Слични содржини