Научници објаснуваат зошто луѓето слушаат гласови кои всушност ги нема

од Stefanija Kuzmanovska
505 прегледи

Некој би можел автоматски да го поврзе феноменот на слушање на непостоечки гласови со невролошки состојби како што е шизофренијата. Меѓутоа, сега се покажа дека под одредени услови секој може да слушне гласови кои ги нема.

Научниците од Федералниот политехнички универзитет во Лозана во Швајцарија и оние од Универзитетот Савој Мон Блан во Франција сакале да истражат што предизвикува аудитивно-вербални халуцинации – односно ситуации во кои човек слуша глас, но никој не зборува.

Тестирање на хипотези

Претходни студии покажаа дека овие халуцинации се предизвикани или од неспособноста на лицето правилно да се дистанцира од околината или од силно верување или претпоставка што оди подалеку од она што всушност се случува во околината. Тимот сакаше да ги тестира двете хипотези.

„Овде развивме нов метод за поттикнување аудитивно-вербална халуцинација во контролирана лабораториска средина преку интегрирање на методите на перцепција на гласот со сензомоторна стимулација, што ни овозможува да ги истражиме двата главни метода“, пишуваат научниците во нивниот труд.

Тимот адаптираше техника што ја користеле претходно, а кога учесниците притиснуваат копче пред нив, роботска рака ги боцнува во грбот. Во овој нов експеримент во кој учествуваа 48 учесници, доцнењето на боцкањето беше различно, а волонтерите носеа слушалки на кои слушале смирувачки звуци и звуци како водопад и повремено слушале гласови – и свои и туѓи.

Како и со претходниот тест со притискање на копчињата, учесниците изјавиле дека чувствуваат присуство зад нив поради боцкањето, а некои од нив навеле и дека слушнале гласови преку слушалките кои ги немало.

Без паника

Феноменот на слушање гласови беше почест ако учесниците слушаа туѓ глас наместо својот и ако имаше подолго доцнење помеѓу притискање на копчето и боцкање со раката. Учесниците како да го измислиле гласот само затоа што почувствувале дека некој стои зад нив.

Научниците веруваат дека овие резултати се доволен доказ дека двете теории за предизвикување на халуцинации се точни: Учесниците не успеале правилно да ја следат околината и биле под силно влијание од описот на она што се случува околу нив.

Забележливо е дека фреквенцијата на отсутни гласови се зголемувала со должината на тестовите, па учесниците почесто слушале фантомски звуци како експериментот се приближувал до крајот, пишува Science Alert.

На крајот на краиштата, важно е да се знае што ги предизвикува овие халуцинации за да се разбере нивната поврзаност со состојби како што е Паркинсоновата болест. Тоа е и показател дека ако слушнете глас во вашата глава, тоа не мора да биде непосредна причина за паника.

„Покрај новостите и важните методолошки импликации, овие резултати фрлаат нова светлина врз феноменот на аудитивни халуцинации, обезбедувајќи експериментална поддршка за двете навидум спротивставени толкувања“, пишуваат научниците во трудот објавен во Psychological Medicine.

Слични содржини