Научниците открија фантастичен начин за користење талог од кафе

од Vladimir Zorba

Истражувачите од австралискиот Универзитет RMIT открија дека можат да произведат бетон кој е 30 проценти појак со обработка и додавање јагленисан талог од кафе во мешавината. Нивниот нов рецепт може да реши повеќе проблеми во исто време.

Секоја година во светот се произведуваат неверојатни 10 милијарди килограми отпад од кафе. Повеќето завршуваат на депонии.

„Отстранувањето на органскиот отпад е еколошки предизвик бидејќи испушта големи количини на стакленички гасови, вклучително и метан и јаглерод диоксид, кои придонесуваат за климатските промени“, објаснува инженерот Рајев Ројчанд од Универзитетот RMIT, пишува Science Alert.

Органските производи како што е талогот од кафе не можат директно да се додадат на бетонот бидејќи од нив протекуваат хемикалии кои ја ослабуваат цврстината на градежниот материјал. Така, тимот, користејќи ниски нивоа на енергија, го загреа талогот од кафе на повеќе од 350 °C (околу 660 °F) со што го лиши од кислород.

Овој процес се нарекува пиролиза. Ги разградува органските молекули, што резултира со порозен јаглен богат со јаглерод наречен биокар, кој може да формира врски со цементната матрица и со тоа да се вгради во неа.

Резултатите беа изненадувачки: бетонот со 15 проценти талог, кој се загреваше до 350 степени, имаше јакост зголемена за 30 проценти. Експериментот имаше две големи предности, првата беше зголемената цврстина на градежниот материјал, а втората предност е еколошката, бидејќи талогот од кафе може да го замени песокот, што со текот на времето може да доведе до помало вадење на песок и загрозување на животната средина.

Ројчанд и неговите колеги, исто така, се обиделе да го пиролизираат талогот од кафе на 500°C, но добиените честички од биојагленот не биле толку силни.

Истражувачите предупредуваат дека сè уште треба да ја проценат долгорочната издржливост на нивниот цементен производ. Тие сега работат на тестирање како функционира хибридот на кафе-цемент при циклуси на замрзнување/одмрзнување, апсорпција на вода, абразија и многу други стресни фактори.

Тимот исто така работи на создавање биојаглен од други извори на органски отпад, вклучително дрво, отпад од храна и земјоделски отпад.

„Нашето истражување е во рана фаза, но овие возбудливи наоди нудат иновативен начин за значително намалување на количината на органски отпад што оди на депонија“, вели инженерот на RMIT Шенон Килмартин-Линч.

Слични содржини