Научник објасни зошто Јадранското Море станува посолено

од Stefanija Kuzmanovska

Хрватски тим на научници, во соработка со колеги од Италија, објавија дека соленоста на Јадранското море е на рекордно ниво. Истражувањето беше презентирано од Институтот Ружер Бошковиќ, а докторот на науки Ивица Вилибиќ објасни зошто соленоста толку се зголеми, пренесе српска „Нова“.

Како прво, д-р Вилибиќ истакна дека разликата во соленоста не е драстична во однос на мерењата пред 50 години, но дури и ова „фино“ зголемување може да има голем ефект врз флората и фауната.

„Промените на некој начин се многу фини, но тие укажуваат на тоа што се случува во системот. Нешто повеќе од 39 промили сега се на површина, а 38 или 37 беа пред 50 години“, објасни научникот.

Причината се климатските промени и сè пожешките лета, што доведува до поголемо испарување на водата. Соленоста на Јадранското Море, најверојатно, ќе продолжи да расте, но далеку од тоа Јадранот да се претвори во Мртво Море.

„Тешко е да се запре – тоа е последица на климатските промени. Како кога готвите ручек и ја зголемувате топлината, водата повеќе испарува. Така е на Медитеранот – водата повеќе испарува и помалку доаѓа“, вели д-р Вилибиќ.

Затоа Јадранот е многу чист оваа година, бидејќи водата има вишок сол и недостаток на хранливи материи. Ова има штетно влијание врз некои видови.

„Постојат видови кои доаѓаат од Црвеното Море и им е поудобно на Јадранот. Домородните видови, како што се ракчињата, полека ќе исчезнат во иднина, но некои други ќе дојдат кај нас. Но, постојат видови кои се многу чувствителни на овие промени, така што соленоста ќе влијае на флората и фауната“, објасни научникот од Сплит.

Слични содржини