Научници: Асимптоматските лица се одговорни за 50 проценти од сите ковид-случаи

од Nikola Popovski
141 прегледи

Американски научници открија дека најмалку 50 проценти од инфекциите со коронавирус се пренесуваат од луѓе без симптоми на болеста, објави весникот „Journal of the American Medical Association“, пренесува Бизнис инсајдер.

Заменик директорот за инфективни болести во Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и водачот на истражувањето Џеј Батлер изјави дека резултатите од нивната студија ја поддржуваат важноста на носењето маски и придржувањето кон физичката оддалеченост.

За студијата, истражувачите ги класифицирале потенцијалните вектори на коронавирус во три групи: симптоматски, пресимптоматски (оние кои сè уште немаат симптоми, но ќе ги развијат) и асимптоматски.

Тие потоа развиле модел за тоа колку секоја група ќе го шири коронавирусот врз основа на денот кога луѓето се најмногу заразни. Тие го утврдиле петтиот ден на изложеност на коронавирус како основна вредност, бидејќи било утврдено дека е просечно времетраење на инкубацијата. Ова е време кога повеќето луѓе развиваат симптоми.

Моделот првично вклучува претпоставки дека 30 проценти од заразените се асимптоматски и дека нивната количина на инфективност е малку помала (75 проценти) во споредба со оние кои покажуваат или ќе развијат симптоми.

Според овие претпоставки, резултатите покажаа дека само асимптоматските лица се одговорни за 24 проценти од инфекциите.

Кога заразата го достигнува пикот?

Научниците создадоа и сценарија во кои врвот на инфективноста бил на третиот, четвртиот, шестиот и седмиот ден, во кои тие го зголемија и спуштија процентот на асимптоматски луѓе, како и нивната стапка на инфективност во споредба со другите групи.

Во огромното мнозинство на овие сценарија, се покажало дека луѓето без симмптоми (асимптоматските и пресимптоматските) пренесуваат најмалку 50 проценти од новите инфекции.

„Стапките на пренос биле генерално над 50 проценти, без оглед на широкиот опсег на почетни вредности“, рекол Батлер, додавајќи дека аналитичарите се изненадени од постојаноста на резултатите.

Дури и во најконзервативната проценка, во која врвот на инфекцијата е седмиот ден по изложувањето на вирусот, а асимптоматските пациенти предизвикуваат 0 проценти од инфекциите, тие пресимптоматски сепак предизвикале една четвртина од новите.

Батлер и неговите соработници истовремено предупредуваат дека нивните модели веројатно ќе ја потценат реалната стапка на ширење во која учествуваат асимптоматски луѓе бидејќи стапките се пресметуваат како секој да се движи слободно каде што сака.

Но, во реалноста, температурата на влезот во многу ресторани и други установи се мери за да се спречи влегување на лица со симптоми. Покрај тоа, многу луѓе со симптоми се веќе во самоизолација дома, што значи дека е помалку веројатно да ја шират инфекцијата како оние кои се чувствуваат здрави.

Слични содржини