Научници од Франција го потврдија постоењето на „делтакрон“ – нова варијанта на коронавирусот

од Vladimir Zorba
1,3K прегледи

Научници го потврдија постоењето на нова варијанта на коронавирусот што комбинира мутации од омикрон и делта, а случаи на новооткриената варијанта се забележани и во Европа и во САД.

Новата хибридна варијанта, неофицијално наречена „делтакрон“, е потврдена со секвенционирање на геномот од страна на научниците од Медитеранскиот универзитет за инфекции во Марсеј, Франција и откриена во неколку региони на Франција, се вели во написот објавен во базата на податоци medRxiv.

Според меѓународната база на податоци GISAID, случаи на „делтакрон“ се откриени во Данска и Холандија.

Фирмата за генетско истражување Хеликс со седиште во Калифорнија, во посебна студија, идентификуваше два случаи на „делтакрон“ во Соединетите држави, а според „Гардијан“, околу 30 случаи се идентификувани во Обединетото Кралство.

Новата хибридна варијанта е создадена со процес наречен рекомбинација, што значи дека две варијанти на вирусот заразиле ист пациент во исто време, разменувајќи генетски материјал за да создадат ново потомство.

Научниците велат дека „јадрото“ на „делтакрон“ е изведено од делта варијантата, додека неговиот шилест протеин – кој му овозможува на вирусот да навлезе во клетките домаќини – е изведен од „омикрон“, според документот medRxiv.

„Откривме дека рекомбинацијата може да се случи и кај луѓето и кај животните со повеќе циркулирачки варијанти на SARSCoV-2“, твитна д-р Соумја Сваминатан, главен научник на Светската здравствена организација (СЗО). Истакна дека „сега треба да почекаме прецизни експерименти за да се утврдат својствата на овој вирус“.

Се верува дека нова варијанта на коронавирусот циркулира низ светот од јануари, според GISAID.

Марија Фон Керхове, технички директор на СЗО за Ковид-19, рече дека научниците досега не забележале никакви промени кога станува збор за сериозноста на болеста во споредба со претходните варијанти на коронавирус, но дека во тек се бројни научни студии.

„За жал, очекуваме други рекомбинации бидејќи вирусите се однесуваат така. Тие се менуваат со текот на времето. Забележавме многу интензивно ниво на циркулација на SARS-Cov-2. Исто така, забележавме дека овој вирус може да зарази животни, а потоа животните го враќаат вирусот на луѓето“, рече Керхове.

Научниците се согласуваат дека варијантата што комбинира мутации помеѓу две варијанти на коронавирусот е „она на која треба да се внимава“.

Слични содржини