Научниците открија нов извор на витамин Д

од Stefanija Kuzmanovska
856 прегледи

Рибата и млечните производи се најдобри извори на витамин Д во исхраната, што им отежнува на оние кои се на растителна исхрана да добијат доволно есенцијални микронутриенти.

Сега тим од истражувачи дошол до потенцијален нов и вегански извор на витамин Д: ген од домати уреден со помош на технологијата CRISPR-Cas9, пишува CNN.

Ако земјоделците и одгледувачите го прифатат процесот комерцијално, овој домат би можел да помогне во решавањето на проблемот со недостаток на витамин Д, кој според студијата влијае на милијарда луѓе ширум светот.

„Ова возбудливо откритие не само што го подобрува човековото здравје, туку вклучува и еколошки придобивки поврзани со исхраната базирана на растенија, која често е поврзана со предизвиците во обезбедувањето клучни витамини и минерали кои во широка мера се наоѓаат и се достапни во животинските производи“, рече Гај Попи, професор по екологија на Универзитетот во Саутемптон.

Додатоците на витамин Д се достапни во многу земји, но коавторката Катја Мартин, професорка во Центарот Џон Инс во Норвич, Англија, рече дека консумирањето домати е „многу подобро од земање апчиња“.

„Мислам дека растителниот извор на витамин Д исто така значи дека можете да ја добиете дополнителната корист од јадењето домати. Луѓето и онака не јадат доволно овошје и зеленчук. Доматите се добар извор и на витамин Ц“, рече Мартин на брифинг за новинари.

Студијата беше објавена на почетокот на оваа недела во научното списание Nature Plants.

Слични содржини