Времето поминато во барови или ресторани го зголемува ризикот од инфекција со коронавирус, објавија француски научници, а поканата на пријатели или семејство на ручек во вашиот дом исто така игра клучна улога во ширењето на инфекцијата.
Најновото истражување е дополнителен доказ дека дружењето и одењето во ресторани се многу поопасни од другите активности како што се користење јавен превоз или шопинг, пишува француската новинска агенција АФП.
Научниците од Францускиот институт „Пастер“ испитале по кои фактори како професија, начин на транспорт, места што ги посетувале ги разликуваат луѓето кои биле заразени со коронавирус од оние кои не се.
Забележале дека зголемениот ризик е поврзан со одење во барови и ресторани, изјави авторот на студијата Арно Фонтанет, епидемиолог и член на научен совет што ја советува владата.
Анкетата била спроведена во октомври и ноември за време на почетниот период на ограничување на движењето, а потоа и за време на построгите мерки на ограничување во кои многу локали беа делумно или целосно затворени.
Фонтанет за АФП изјави дека бидејќи баровите и рестораните не работат на вообичаен начин, тешко е да се прецизира нивната улога во ширењето на болеста и призна дека затворањето на тие деловни активности е чувствително прашање.
Истражувачите испитале 3.400 лица заразени со коронавирус и други 1.700 кои не биле заразени.
Откриле дека одењето во ресторани, барови или спортски сали е поврзано со зголемен ризик од инфекција, додека употребата на јавен превоз и одење во продавници не се поврзани со зголемен ризик.
Здравствените власти ширум светот ги советуваат луѓето да избегнуваат затворени простори, а меѓу научниците постои растечки консензус дека коронавирусот може да се шири во ситни облаци од честички познати како аеросоли кои се акумулираат во слабо проветрени места.
Приватните собири, семејството и пријателите се главниот извор на инфекција, вели Фонтанет, нема разлика помеѓу јадењето со пријателите во вашиот дом или одењето во ресторани.
Научниците ја нагласуваат важноста од организирање вакви собири на најбезбеден можен начин за заштита на најранливите групи.