Во колумната за „Слободен печат“, „Бесплатен превоз на жедни преку вода“, Никола Наумоски го критикува т.н. „проект“ на Данела Арсовска за нова флота од 250 екоавтобуси и бесплатен јавен транспорт:
„На нејзината страница објави фотографија од модерен електричен автобус долг 18 метри, ама не кажа ни збор колку ќе ги чини скопјани нова флота од 250 екоавтобуси. Не кажа никакви детали за нејзиниот „проект“ за бесплатен јавен транспорт што не го ни презентираше пред скопјани. Кажа само дека проектот бил „реално и остварливо решение“ во држави како Луксембург и во над 30 града во Франција, како Данкерк.“
Според Наумоски, Скопје воопшто не може да се споредува со Луксембург и Данкирк:
„…може ли воопшто да се споредува Скопје со богатиот град Луксембург (125 илјади жители) кој има приходи во буџетот од повеќе од 800 милиони евра, каде што граѓаните земаат средна плата поголема од 5.200 евра? Може ли да се споредува Скопје со Данкерк (град со околу 90 илјади жители), кој воведе бесплатен јавен превоз со значителна помош на ЕУ, и тоа откако вложи 65 милиони евра во развој на автобуските коридори за што му требаа четири години?“
Наумоски укажува дека Скопје е метропола која треба да се споредува со други метрополи, а не со помали богати градови во Франција или во Луксембург: „Досега ниту една француска метропола нема воведено бесплатен автобуски превоз, а единствената метропола која има најавено е Монпелје, град со околу 470 илјади жители. Таму пресметале дека бесплатниот јавен транспорт ќе ги чини 39 милиони евра годишно, што изнесува 5 отсто од нивниот буџет, а во Скопје таа сума изнесува 40 отсто од буџетот. Може ли Скопје да си дозволи да издвојува околу 40 проценти од буџетот за бесплатен јавен превоз?“
Наумоски прашува зошто кандидатката Данела Арсовска не го покаже проектот и не каже колку би ги чинеле скопјани 250 екоавтобуси и бесплатниот јавен превоз: „Процената е дека промена на флотата со 250 електрични автобуси, заедно со депоа и полначи, би го чинела градот Скопје околу една милијарда евра! Секој добар менаџер знае дека треба години за да се изврши регуларна набавка и испорака на 250 автобуси, а и дека градот Скопје не е ни кредитоспособен за толку голем кредит. А „менаџерката“ Данела Арсовска ветува решавање на проблемот „веднаш“! Згора на тоа, како би се исплаќал толку голем кредит ако воопшто не се наплаќаат билети?“
Наумоски заклучува дека предизборното ветување на Арсовска е нереално исто како „милијардата на Циле“:
„Да не должиме, предизборното ветување на Арсовска дека ВЕДНАШ ќе го решела проблемот со нови 250 екоавтобуси и воведување бесплатен јавен транспорт е слично како „милијардата на Циле“! „Милијардата на Циле“ требаше да дојде од Тајван по признавањето, но никогаш не пристигна, а на Македонија ѝ се случи големата политичка и безбедносна криза во 2001 година“ – пишува Никола Наумоски во колумната „Бесплатен превоз на жедни преку вода“ објавена во „Слободен печат“.