„Иако дел од светските цени на основните прехранбени производи навистина се намалуваа во текот на годината, домашниот пазар не реагираше со ист интензитет. Причината е што преносот на берзанските цени кај нас е бавен, непотполн и често блокиран од структурните слабости во економијата. Имаме недоволно развиен аграр, ограничена конкуренција, високи логистички трошоци и зависност од увоз — сите фактори кои ја амортизираат секоја позитивна промена однадвор“, истакнува професорот и економист, Синиша Наумоски за тоа дека во земјава мерките како таргетирани „кошнички“ не дадоа посакуван ефект…
Според него, во такви услови, административните мерки како замрзнување маржи, ограничени „антиинфлациски кошнички“ или намалување даноци можат да создадат краткорочна фиксација на цените, но не и да го сменат нивото на вистинската пазарна рамнотежа. Многупати видовме дека веднаш по укинувањето на мерките, цените се враќаат на „нормалното“ ниво кое фирмите претходно го перципирале како одржливо.
-Мора да се каже и ова: претерана регулација често го намалува мотивот за конкуренција и инвестиции во подобра продуктивност. А без конкуренција и продуктивност, цените не паѓаат — ни со 20 владини одлуки, ни со 200, вели Наумоски во интервју за „Бизнис инфо“.