Наумоски: Луѓето не се сеќаваат дека некој жестоко протестираше за да се задржат имињата Ленинова и Железничка

од Nikola Popovski
382 прегледи

„Градот има обврска да го апдејтира списокот на имиња на неколку години. Последен пат тоа било направени пред 9 години и беше на крајно скандалозен начин“, изјави утринава Никола Наумоски од канцеларијата на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, на темата новите 571 имиња на улиците и плоштадите во град Скопје.

Според него, пред 9 години имаше денови кога се кршеа стакла во советот на град Скопје и кога се протестираше.

„Денес луѓето не се сеќаваат дека некој жестоко протестираше за да се зачуваат имињата Ленинова и Железничка. Ја враќаме можноста тие улици да станат дел од градската скопска мапа и луѓето да си ги нарекуваат како што си ги нарекувала отсекогаш“, потенцира Наумоски за емисијата „Утрински брифинг“.

На листата со 571 имиња, според кои во иднина би се именувале улици, но и плоштади, паркови, мостови, се наоѓа и името на новинарот и основач на неделникот Фокус, покојниот Никола Младенов, како и пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур и Атина Бојаџи, писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески, бизнисменот Енвер Малиќи.

Познатата улица во скопско Дебар Маало се предлага повторно да се вика „Ленинова“, наместо „Аминта Трети“, а улицата во центарот на градот што до скоро го носеше името „Јордан Мијалков“ да се преименува во „Железничка“. Улицата „Филип Втори“ пак, би можела да стане „Стив Наумов“. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата Мексичка наместо Петре Пирузе, а Борис Сарафов пак ќе стане 4 Јули.

„Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици“, соопшти вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Слични содржини