Наумоски: Универзална сала нема да се руши, туку ќе се гради

од Nikola Popovski
168 прегледи

Шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник, Никола Наумоски објави дека ја разбира реакцијата на многу скопјани во однос на конкурсот за парк на местото на Универзална Сала, затоа што секогаш кога се расправало за прашања со кои луѓето емотивно се врзуваат е тешко да се разбереш преку аргументи.

Според него, Универзална сала е монтажен објект, нема можност за проширувања, доградби, паркинзи и пристапи.

„Во изминатите петнаесетина години изготвени се три проекти за реконструкција и изградба на салата, што идејни, што основни. Ако се реконструира салата, тогаш не може да се додадат нови содржини како придружни сали, галериски простори, конференциски сали, холови, продавници и кафетерии. Предноста на реконструкцијата е во избегнувањето на обврската да се обезбеди паркинг место за секој посетител, како во случајот со новата градба. На тој начин, Универзална може да работи само со сегашните 40 (со букви: четириесет) паркинг места. Тоа би било сосема несоодветно, но законските услови не предвидуваат обврски за паркинг кога се реконструира објект, само кога се гради нов. Последниот проект за реконструкција на салата предвидува трошоци од околу 17 милиони евра (задржување на конструкцијата и градбата, со мали доградби и реновирана концертна сала со гледалиште).
Изградбата на нова сала на оваа локација е замислена со таканаречениот проект „Јајце“ од 2013-та кој чини далеку повеќе, но според правилникот за стандарди и нормативи за градба треба да има 1000 паркинг места соодветни за проектираното гледалиште и придружните содржини.

2. Локацијата е несоодветна заради близината на зградите и тесните улички

Сегашната локација на Универзална била зацртана сред Железничка Колонија/Буњаковец пред 50-ина години кога маалото изгледало многу поразлично од сега. Во тоа време речиси и да немало објекти повисоки од два спрата во внатрешноста на маалото, а денес речиси и да нема пониски од четири. Улиците и тротоарите се закрчени со паркирани коли, по нив не можат да се движат автобуси и камиони за опрема без да бидат опасни за децата во блиските градинки и школи, но и за останатите соседи од маалото. Дополнително, маалото е веќе пренаселено со луѓе и ги надминува параметрите предвидени со ГУП-от за густина на населението. Во деновите кога би се одржувале настани во Универзална, овие жители, нивните улички, тротари и паркинзи би биле преплавени од посетители на салата и нивните возила“, се вели во објавата на Наумоски.

Тој тврди дека Универзална нема да се руши, туку ќе се гради, но прашањето е каде?

„Да бидеме на чисто, Скопје нема да остане без своја сала за универзални намени (не само концерти!). Град Скопје нема да остане без една од 8-те свои културни институции. Нејзиниот објект треба да изграден на локација која што ќе биде лесно пристапна, доволно голема да ги задоволи просторните услови за седење, движење и рекреирање на посетителите. Според мене, Универзална треба да се извади надвор од центарот на градот за да биде лесно пристапна и за луѓето што доаѓаат надвор од Скопје, онака како што се лоцирани новите градски сали и конгресни центри во Белград, Загреб, Софија, а веројатно и секаде низ развиените градови.
Битно е да се нагласи дека градот нема донесено конечна одлука за дислоцирање на салата и дека ова значи започнување на процесот на јавна дебата. Ако се одлучиме дека треба да се гради на истото место, ќе се соочиме со објективни просторни проблеми (пристап за посетители и сценска техника, паркинг за возила и автобуси, мал капацитет на гледалиштето и недостаток од други содржини во објектот освен главната сала). Ако се одлучиме за некоја друга локација, ќе треба да ги надминеме носталгијата и емотивната неразделност со Универзална и тоа разбирливо не е лесно за никого“, објави Наумоски.

Во продолжение прочитајте го целиот Фејсбук статус.

https://www.facebook.com/naumeaux/posts/10164136176470338