Наумовски: Каматната стапка за билатералниот заем е одлична – денес е Унгарија, утре може да биде Германија

од Nikola Popovski
554 прегледи

Професорот по економија и член на првата македонска банкарска академија АБИТ – Академијата за банкарство и информатичка технологија, д-р Синиша Наумовски алармира дека актуелните воени конфликти, како што се  руско-украинскиот воен судир како и дополнителното разгорување на жариштето на Блискиот исток, сериозно влијаат врз зголемување на ризиците во однос на најновите проекции на Европската централна банка за глобалната економија.

„Може да се очекува поскапување на енергенсите, но и на факторите кои можат да влијаат на јадрото за притисок кон инфлацијата“, вели Наумовски за Локално.

Коментирајќи ја најавата на министерката за енергетика Сања Божиновска дека ќе се бара помош од домашните банки за да се обезбеди греење, Наумовски е дециден дека идејата е добра.

Немам дилеми, за моја силна поддршка на целата инцијатива за билатералниот заем од земја-членка на ЕУ (денес, во случајот Унгарија, а утре може да биде Германија или сл.). Зошто? Затоа што каматните стапки се одлични (3,25 отсто) имаме грејс период од 3 години и 12 години рок на отплата. Исто така, важно е дека парите се од ЕУ“, вели Наумовски.

Прогнозира дека за оваа година, растот ќе биде под 2 отсто, но дека следната ќе биде пооптимистичка. Ваквиот став го аргументира со како што вели, поголемата државна дисциплина  што ќе доведе до поголема реализација на капиталните инвестиции и на самиот развој на економијата за 2025 која според него ќе биде година на поголем економски раст

Најавата за преземање на една македонска банка од страна на друга заврши неуспешно, но самата вест предизвика голем интерес. Дали можеби веќе е на повидок друга ваква можност за продажба на некоја од банките во нашата држава? Што значат ваквите окрупнувања за банкарскиот систем, а што за граѓаните?

-Да имаше таков официјален обид и беше неуспешно, како што можевме да прочитаме од страчната јавност изминативе денови. Но, сум на мисла дека тоа не е ништо страшно, ако можам така да се искажам. Практично, тоа се пазарни односи, каде една банка, како профитна институција, правно лице, преговара со друга банка (друго правно лице) и дали преговорите меѓу акционерите на двете правни лица ќе успеат или не, зависи од самите пазарни услови, а највеќе од самите акционери. Тука, може вака да се постави прашањето: Дали е на повидок друга слична продажба? Сметам дека пазарот би го диктирал начинот на евентуална продажба или преземаење, секако и желбата на акционерите, но важно е дека банката која сега беше во улога на купувач, како една од најголемите и најстабилните банки во земјава и другата помала банка, и двете се стабилни, со добри резултати, каков што е и целиот македонски банкарски сектор. Понатамошните начини на профитни и пазарни движења би се одвивале во позитивна насока кај двете банки, за кои ме прашувате, а особено и кај сите останати во македонскиот банкарски систем. Од гледиште на научноистражувачки  работник, секогаш сум на стојалиште дека во македонскиот банкарски сектор треба да постои окрупнување. Во таа насока, би додал дека најважно е начинот на тоа окрупнување да биде поттикнат и да доаѓа од комерцијалните банки од земјите членки на ЕУ. Мислам дека европските банки или европскиот монетарен систем секогаш посакувал и бил на стојалиште за окрупнување или со други зборови би кажал дека е добро – европските банки да влегуваат со капитал во земјите на Западен Балкан вклучително и во македонскиот банкарски систем. Но, секако за тоа треба волја од сите чинители.

Дали треба да се земе предвид и изјавата на претседателката на Европската централна банка дека на Европа ѝ требаат поголеми и посилни банки за да може да се натпреварува со американската и кинеската конкуренција?

-Го делам ваквото мислење. Сметам дека европските банки треба да влегуваат не само во Западен Балкан, туку и во други региони, како би биле многу поконкурентни и подоминантни. Како што знаеме, европските централни банкари и земјите од еврозоната војуваат” со инфлацијата. Оттука, според очекувањата на стручната јавност, следната година таа ќе се сведе на посакуваната цел од 2 отсто. За ваквата политика да биде реална и можна, очекувањата на земјите од еврозоната се економскиот раст да биде блиску до нула или околу 1 отсто или нешто над тоа. Според ова, ако европските централни банкари успеат инфлацијата да ја сведат на посакувано ниво од 2 отсто или пониско, а притоа не дозволат европската економија да влезе во рецесија, тоа ќе биде голем успех.  Од друга страна пак, новите најави за продолжување на воените дејства во руско-украинската војна, како и дополнителното разгорување на жариштето на Блискиот исток, со сериозните конфликти во Газа, а особено сега со нападите на Иран кон Израел, како и со војната со Хезболах на либанската граница, се загрижувачки и можеби треба ризиците да ги поставиме на повисоко ниво во однос на најновите проекции на стручната јавност за глобалната економија. Може да се очекува поскапување на енергенсите, но и на факторите кои можат да влијаат на јадрото на притисокот на инфлацијата. Од ова, лесно е да предвидиме дека може да се очекува тешка зима годинава во поглед на греењето.

Министерката за енергетика најави дека ќе се бара помош од домашните банки за да се обезбеди греење. Дали ова треба да се гледа како негативен сигнал за финансиската кондиција на нашиот буџет и колкави според вас ќе бидат каматните стапки на банките?

-Мислам дека менаџерите на фискалната и монетарна власт треба да бидат во поголема корелација и координација, во периодот што следи. Имено, само со силен и стабилен монетарен систем, насочен кон стопанството, може да се очекува поволност и за граѓаните. Токму таква синергија може да се очекува преку начини на засилена комуникација и координација меѓу двете политики. Ова особено е важно за олеснување на условите за стекнување на поголема ликвидност на стопанството, а со тоа и зголемување на поволностите за граѓаните. Во таа насока, немам дилеми, за моја силна поддршка на целата инцијатива за билатералниот заем од земја-членка на ЕУ (денес, во случајот Унгарија, а утре може да биде Германија или сл.). Многу колеги, уште во јуни, пред да стапи новата влада, а особено во јули, жестоко го напаѓаа овој концепт. Јас пак, со моите колеги професори (банкари од Луксембург, Швајцарија) и тогаш и сега, јавно го поддржавме тој модел. Зошто? Затоа што каматните стапки се одлични (3,25 отсто) имаме грејс период од 3 години и 12 години рок на отплата. Исто така, важно е дека парите се од ЕУ. Земјата е членка на Унијата, што ни е цел и ние како македонска држава да бидеме составен дел, еден ден во истата. Но, јас сакам да напоменам за една друга важна работа при имплементацијата на тие транши на пари до стопанството. Имено, тука комерцијалните банки треба исто така, да излезат со поддршка кон стопанството, со тоа што нема истите пари од заемот да ги надградат со камата над онаа од земјата давател. За таа цел, потребно е државата да има поголема контрола на процесот или поголема координација со банките бидејќи треба да се држиме до трошокот на заемот од земјата-давател со 3,25 отсто. Во спротивно, ако комерцијалните банки стават маржа на парите за тие да дојдат до стопанството, ефектот на евтините пари за супер продуктивни и мотивирани претпријатија би се изгубил во демотивација. Тука, јас сум на мисла дека треба да има цврста позиција од чинителите на политиките особено на државните највисоки менаџери. Треба да ги направат сите напори, за таквите пари да бидат евтини и брзо достапни за стопанството. Практично, тоа беше и суштината на заемот – парите што ги добиваме да бидат со евтина камата како што влегуваат во државата, така да се пласираат, со цел да имаме мотивација во домашните компании и брза достапност во нивните биланси. Впрочем, затоа јас сум поддржувач на овој модел на билатерално финансирање. На Македонија сега ѝ се потребни повеќе билатерални пријателства од ЕУ. Исто така, планот за раст на Западен Балкан е важен за нас. Да не го заборавиме тоа. Европската Комисија лани на 8 ноември го усвои и со него се предвидува 6 милијарди евра за период од 2024 – 2027 година. Од овие пари, дури 2 милијарди евра се неповратни, во форма на грантови. Остатокот од 4 милијарди евра се концесиски заеми од ЕУ. Целта на овие политики е да се поттикне економскиот раст на регионот. Ова, знам и уверен сум дека ќе го искористиме.

Монетарците, па и кај нас, изјавија дека инфлацијата е успешно надмината благодарејќи на централните банки во регионот, односно нивната независност и силна регулативна рамка. Колкава навистина беше улогата на централната банка и дали според вас некои чекори требаа сепак поинаку да се реализираат?

-Пред разгорување на жариштето на Блискиот исток во неделата што измина, очекував дека европските банкари најмалку еднаш до двапати ќе ги намалат каматните стапки до крајот на годината. Но, од денешно стојалиште, сметам дека таму ќе се практикува воздржаност и внимателност бидејќи не знаеме што ќе се случува во Израел и Украина, од каде стигаат неповолни најави за продолжување и проширување на конфликтите. Сето тоа ќе влијае и на одлуките на монетарната власт во ЕУ и САД, сум на мисла.

Во однос на домашната монетарна политика не би коментирал длабински. Има извршни членови, на кои тоа им е обврска да го прават. Јас како професор по банкарство и контролинг, од таа позиција сметам дека толку колку што можела, таа политика толку и направила, а сето тоа било во функција на намалувањето на инфлацијата. Генерално, македонската економија има лоша структура и при таква поставеност на една земја во развој, која во овие 30 години нема капацитети за свое производство на храна и електрична енергија и едноставно е увозно зависна земја, тогаш глобалната криза со инфлацијата во опкружувањето предизвикува поголеми негативни ефекти врз граѓаните отколку што е тоа  во развиените земји како што се Германија, Франција или САД. Во вакви случаи, монетарците делуваат колку што можат, во своите рамки. Во идните текови на монетарните делувања можеби би биле потребни мерки кои ќе се насочат кон поголема претприемачка раздвиженост на стопанството. На Македонија ѝ е потребно силно стопанство, а ефектите кои сега ги води актуелниот финансиски менаџмент, ќе се почувствуваат во втората половина на 2025 година. Генерално сум на оптимистично мислење за македонската економија иако сметам дека за оваа година растот ќе биде под 2 отсто. Можеби сум претпазлив во прогнозите за годинава, но во однос на статистиките за наредната, очекувам поголем раст. Тука треба да напоменам дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде клучна. Имено, познавам многу поранешни министри за финансии, кои, имаа добра пресметка на хартија, ама никако да направиме добар процент на реализација на капиталните инвестиции во пракса. Затоа, охрабрувам и сакам да верувам дека актуелните менаџери на финансии и највисокиот менаџемнт на државата имаат јасен фокус и цел. Знаат како и каде да се насочат. Останува да видиме сите ние, а помалку или повеќе да помогнеме, секој на свој начин. Практично, изминатите финансиски менаџери, кај нас, добро ја правеа конструкцијата во буџетот во ексел, но имплементацијата и исполнувањето на капиталните инвестиции во пракса, потфрлаше. Имено, ја кочеа слабостите во системот на државата таквата планирана имплементација да биде успешно аплицирана. Затоа денес, сметам дека има поголема државна дисциплина, барем тоа се чувствува од врвот најгоре. Затоа сакам да верувам и очекувам, тоа да доведе до поголема реализација на капиталните инвестиции што ќе влијае и на самиот развој на економијата за 2025 година, која, ќе биде година на поголем економски раст, за разлика од 2024.

К.В.С.

Слични содржини