Универзитетскиот професор и аналитичар Васко Наумовски смета дека е можна деблокада на македонските евроинтеграции во јуни.
-Секако е можно кревање на ветото, но не бил преголем оптимист. Најавен е и еден самит меѓу ЕУ и Балканот, имаме уште неколку месеци од француското претседателство, рече Наумовски во емисијата „360“.
Според него, бугарскиот премиер Кирил Петков е соочен со проблеми и во владејачката коалиција и со опозицијата.
-Не би ме зачудило доколку евентуално мнозинство за некаква нова декларација во бугарскиот парламент се состави и со поддршка на поранешната владејачка партија на премиерот Борисов, ГЕРБ, вели Наумовски.
За активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ, професорот вели дека не е ништо ново затоа што во Собранието имало и порадикални настапи кои имале за цел да ја блокираат неговата работа.
-Мислам дека во ниту една од тие претходни прилики што сме ги имале во минатите години опозицијата што го блокирала Собранието не успеала да извлече некоја голема политичка корист за себе. Како и секоја опозиција, таа треба да демонстрира дека има подобри човечки ресурси, проекти и програмски определби од власта, потенцира Наумовски.