Рускиот опозиционер Алексеј Навални вели дека неговиот случај е решен откако во понеделникот беше објавена заедничка истрага од неколку редакции. Истражувачките новинари го открија идентитетот на припадниците на Федералната служба за безбедност (ФСБ) кои со години ја следат руската опозиција и сите тие се експерти за специјални операции, медицина, хемиско и биолошко оружје.
Вкрстувајќи ги податоците за летовите и мобилните телефони со достапни податоци од минатото, новинарите од британската агенција Белингет, рускиот истражувачки сајт „Инсајдер“, германскиот весник „Шпигел“ и американскиот Си-Ен-Ен откриле дека политичкиот блогер бил следен од 15 агенти на тајниот тим на Криминолошкиот Институт ФСБ. Тројца биле во близина на него кога се отрул на 20 август: двајца лекари специјализирани за хемиски отрови, Алексеј Александров и Иван Осипов, а третиот е Владимир Панијајев. Иако тие најчесто користеле телефони „за фрлање“, во повеќе наврати ги вклучиле своите примарни уреди, наведува „Белингет“.
Заклучено е дека нападот врз Навални во сибирскиот град Томск бил планиран најмалку од почетокот на 2017 година, еден месец откако тој ја објави својата кандидатура на претседателските избори во 2018 година. Оперативците го следеле на 37 патувања низ Русија од јануари 2017 до август 2020 година, а се чини дека се обиделе да го отрујат и пред Томск, ова лето во Калининград, каде неговата сопруга се разболе од необјасниви причини, објави Си-Ен-Ен.
Оперативците честопати користеле псевдоними кога патувале, а тие летале паралелно со летови од други аеродроми за Навални и членовите на неговиот тим да не ги забележат истите патници. Ако целта била само да се следи опозицијата, службата ќе испраќаше различни агенти кои ќе можеа да бидат на ист лет. Така, ангажманот на истиот „тим за труење„ беше протолкуван како клучен аргумент дека тие сакале да му наштетат. Агентите на ФСБ го следеле Навални до Новосибирск, а потоа и до Томск. Тие комуницирале за време на операцијата, со нагло зголемување на сообраќајот непосредно пред труењето, како и во моментот кога тој го напуштил својот хотел и се упатил кон аеродромот во Томск.
За потцетување, на Навални му се слоши на летот од Томск кон Москва веднаш по полетувањето, што го принуди екипажот итно да слета во Омск, каде 44-годишниот активист беше во болница со денови пред да биде пренесен во Берлин. Во Германија, каде сè уште се наоѓа, обвинувајќи го Владимир Путин дека го нарачал атентатот, истражителите заклучиле дека тој бил отруен со нервен агенс од типот новичок. Траги се пронајдени на едно од шишињата вода од неговата хотелска соба во Томск.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека станува збор за атентат со нервниот агенс новичок, со кој исто така биле отруени рускиот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија во 2018 година во Англија. Теоријата е прифатена од многу западни земји, па ЕУ и Велика Британија замрзнаа средства и го забранија патувањето на шест високи руски официјални лица за кои се верува дека се одговорни за труењето и на воениот институт кој произведува нервни отрови.
„Знам кој сакаше да ме убие. Знам каде живеат и работат. Ги знам нивните вистински и лажни имиња. Имам фотографии од нив“, рече Навални во видео на Јутјуб во понеделникот, држејќи фотографии од агентите.
Москва упорно прашува каков мотив би имале за елиминација на опозицијата, која има само два процента поддршка од граѓаните.