Навални ослабел 8 килограми откако е во затвор

од Stefanija Kuzmanovska
300 прегледи

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални изгубил осум килограми откако е префрлен во затворски логор на почетокот на март и пред почетокот на штрајкот со глад, соопштија неговите соработници, кои се загрижени за неговото здравје.

Според пораката испратена до неговиот профил на Фејсбук од неговите соработници, Навални, кој започна штрајк со глад во средата, тежел 93 килограми по пристигнувањето во затворот, а сега тежи 85 килограми.

„Тој (Навални) го поврзува слабеењето главно со фактот дека не смее да спие во логорот и дека (чуварите) го будат осум пати на ноќ“, се вели во пораката.

Загриженоста за здравјето на Навални расте, кој рече дека има болки во грбот и вкочанетост на ногата, а пред неполна година преживеа обид за труење со нервен агенс.

Навални рече дека управата на затворскиот логор му забранува пристап до лекар и лекови и го лишува од сон.

Управата на затворот објави дека Навални ја добил потребната медицинска помош и дека никој не го вознемирувал додека спиел.