Навални префрлен во најлошиот руски затвор: „Чуварите таму се олицетворение на злото“

од Stefanija Kuzmanovska
288 прегледи

Добар ден, би сакал да разговарам со мојот клиент Алексеј Навални, рекол пред неколку дена адвокатот Леонид Волков на чуварите на „казнената колонија 2“ во Покрово, на 100-тина километри од Москва. Во тој затвор, Путин го стави својот најголем домашен критичар кон крајот на март под обвинение за проневера и непочитување на судот.

„Тој затвореник не постои овде“, кратко му рекле чуварите на адвокатот на Навални, одбивајќи да дадат дополнителни информации за тоа каде се наоѓа.

– Не знаеме каде е Алексеј. Не можеме да добиеме информации каде е префрлен – изјави неговиот адвокат на социјалните мрежи.

Но, денеска се појавија информации дека Навални е сместен во „казнената колонија 6“ во Мелеково, затвор кој во Русија е познат по тешките затворски услови. Велат дека е најбрутален од сите. Навални и пред три месеци, откако беше осуден, навести дека може да заврши тука, пишуваат британските медиуми.

– Слушнав дека таму за мене градат затвор внатре во затворот – изјави тогаш Навални.

Малкумина го напуштаат тој затвор, во него казната ја отслужуваат најлошите криминалци, а оние кои поминале одредено време таму во ужас, секојдневно зборуваат за настаните што ги опкружувале.

– Моравме да се откажеме од адвокатот и правото на жалба… Чуварите ве соблекуваат уште првиот ден и почнуваат да ве тепаат со стапови. Оние кои не се согласуваат со нивните услови потоа се силувани. Сум го видел тоа многу пати. Така ги кршат луѓето – вели Иван Фомин, кој таму служел затворска казна.

– Тие луѓе таму се олицетворение на злото. Уживаат да ги мачат другите. За нив тоа е забавно – додава друг поранешен затвореник.

Против Алексеј Навални неодамна пред судот беше покрената нова кривична постапка, а доколку биде прогласен за виновен, му се закануваат уште 15 години затвор.

Слични содржини