Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални денеска изјави дека државата на рускиот претседател Владимир Путин еден ден ќе се распадне заедно со „постсоветската елита“, која тој ја нарече подмитлива, алчна за власт и дволична.
„Полигамистите станаа конзервативци во нашата земја. Членовите на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз сега се православни. Сопствениците на ‘златни пасоши’ и офшор сметки сега се агресивни патриоти“, напиша Навални, кој беше префрлен во затвор на околу 60 километри северно од арктичкиот круг, во објава на социјалните мрежи овозможена од неговите поддржувачи, пренесува „Ројтерс“.
„Ќе се скрши и ќе падне. Државата на Путин не е одржлива. Еден ден ќе го погледнеме неговото место и тој нема да биде таму“, напиша Навални, кој беше префрлен во арктичката казнена колонија „Поларен волк“ кон крајот на декември.
Поранешниот адвокат и најголем противник на рускиот претседател претходно неколку пати предупреди дека Путиновата Русија е земја со која управуваат „крадци и криминалци“ и дека еден ден ќе има големи промени преку бунт.
Од друга страна, руските власти ги отфрлаат критиките на Навални како бесмислици и тврдат дека тој и неговите поддржувачи се екстремисти кои заедно со американската разузнавачка агенција ЦИА имаат намера да внесат раздор во Русија.
Московските власти ги отфрлаат и тврдењата на Навални дека руската тајна полиција се обидела да го отруе.