Навални: Русија е на дното, мора да ја срушиме диктатурата на Путин

од Vladimir Zorba
140 прегледи

Затворениот лидер на руската опозиција Алексеј Навални (46) денеска изјави дека руските сили извршиле воени злосторства во Украина и го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека ја уништил иднината на Русија заради сопствените амбиции.

Во објавата на социјалните мрежи пред првата годишнина од инвазијата на Украина на 24 февруари, Навални рече дека Русија „паднала на дното“ и дека ќе закрепне дури кога ќе ја сруши „диктатурата на Путин“ и Москва ќе почне да плаќа „отштета“ на Киев за предизвиканата штета.

„Десетици илјади невини Украинци се убиени, а милиони други се погодени од болка и страдање. Извршени се воени злосторства“, сподели Навални на својот профил на Твитер, кој го одржуваат неговите соработници, повикувајќи на меѓународна истрага за наводи за воени злосторства.

Навални отслужува затворска казна од 11 и пол години во Русија под обвинение за измама, што тој го гледа како политичка одмазда за неговиот антивладин активизам. Навални зборува против Путин дури и од затвор. Овој месец објави дека е префрлен во построг режим на самица во наредните шест месеци во кои не смее да биде посетуван.

„Вистинските причини за оваа војна се политичките и економските проблеми во Русија, желбата на Путин да ја задржи власта по секоја цена и неговата опседнатост со историското наследство. Тој сака да влезе во историјата како „император освојувач““, напиша Навални во твитовите на понеделник.

Тој е на мислењее дека поразот на Русија на бојното поле е „неизбежен“ и дека Москва ќе мора да ги повлече трупите од Украина и да ги признае нејзините граници од 1991 година по падот на Советскиот Сојуз. Тука би бил опфатен и анектираниот Крим, иако Навални директно не го спомнува во објавата.

Навални истакна дека Русија и должи на Украина репарации, сугерирајќи дека тие би можеле да бидат исплатени во форма на енергетски производи. Тој го критикуваше Путин дека ја уништил иднината на Русија „само за да ја направи земјата поголема на картата“.

„Го допревме дното“, рече тој. Мора да го урнеме режимот на Путин и неговата диктатура“, заклучи Навални.

Слични содржини