Навални за Путин: Царот е гол

од Vladimir Zorba
301 прегледи

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални изјави денеска дека претседателот Владимир Путин е „голиот, крадец цар“ кој ја предал Русија. Навални изгледаше дека е во лоша состојба, но звучеше пркосно на видеото од затворот, кое беше емитувано во судницата преку видео врска. Тоа беше негово прво појавување во јавноста откако заврши штрајкот со глад минатата недела.

Тој на денешното рочиште ја загуби жалбата за парична казна за клевета на ветераните од Втората светска војна.

Навални се соочува со нови кривични пријави, а неговите соработници се принудени да ја распуштат мрежата на регионални канцеларии на неговата кампања, кои властите се обидуваат да ги забранат како „екстремистички“.

Навални, со избричена глава, рече дека го одвеле во бањата за да изгледа „пристојно“ за испрашување. Кога ја откопча затворската униформа, неговата маица едвај го криеше коскеното торзо.

„Се погледнав во огледало. Јас сум само гаден скелет“, рече тој, додавајќи дека сега има 72 килограми, како кога бил во “седмо одделение”. Во јануари, кога се врати во Русија, имаше 94 килограми, рече неговиот адвокат.

Во денешното обраќање, Навални (44) ја обвини владата за „претворање на Русите во робови“.

„Сакам да му кажам на драгиот суд дека вашиот цар е гол“, рече тој за Путин, алудирајќи на приказната на Ханс Кристијан Андерсен „Новиот костум на царот“.

„Милиони луѓе веќе го викаат тоа, затоа што е очигледно … Неговата круна виси и паѓа“. Повторувајќи ги обвинувањата за корупција кои Кремљ ги негира, Навални рече: „Вашиот гол, крадец цар сака да владее до крајот … ќе дојдат уште 10 години, уште една украдена декада“.

Доколку неговата Фондација за борба против корупција и нејзината регионална мрежа на канцеларии бидат прогласени за екстремистички, властите можат да испратат активисти во затвор и да ги замрзнуваат банкарските сметки. Судот што го разгледува тоа во четврток објави дека следното рочиште ќе го одржи на 17 мај.

Соработникот на Навални, Леонид Волков, во четвртокот рече дека ќе биде невозможно да се одржи мрежата на штабови во нивната сегашна форма и дека многумина ќе се обидат да работат како независни регионални тела со свои лидери.

Ирина Фатјанова, која до понеделникот го водеше тимот на Навални во Санкт Петербург, ги прекина сите врски со таа организација.

„Ситуацијата е застрашувачка, но што ќе се случи ако сите се исплашиме? Не сакам да се срамам кога ќе ја погледнам следната генерација во очи“, изјави таа за Би-Би-Си.

Навални издржува затворска казна во траење од две и пол години за кршење на условна казна во врска со пресуда за проневера во 2014 година, за која вели дека е политички мотивирана. Тој беше уапсен во јануари кратко време по враќањето од Германија, каде се лекуваше од труење со „Новичок“, за што го обвини Путин.

Руските власти во средата во Санкт Петербург обоија голем мурал со ликот на Навални. Руските медиуми објавија дека полицијата истражува и дека оние што го насликале може да добијат тригодишна затворска казна за вандализам.

Слични содржини