Навивачи на францускиот гигант Пари Сен Жермен одржаа протест на трибините за време на мечот со Рен (1:0), упатен до раководството на клубот.
Приврзаниците го бојкотираа првиот дел од натпреварот, а по паузата подигнаа транспаренти на трибините кои беа насочени кон шефовите и играчите кои според нив не покажуваат доволно мотивација. Акцијата се совпадна со објавувањето на лута декларација од страна на ултрасите претходно истиот ден.
Со играта против Рен, Пари Сен Жермен не импресионираше, а успехот дојде со доцниот гол на младата ѕвезда Килијан Мбапе. За парижаните пресметката со Рен беше генерална проба за мечот со Реал Мадрид на „Паркот на принцовите“ во 1/8-финалето на Лигата на шампионите, кој ќе се одигра на 15 февруари.
Тренерот на тимот од Париз, Маурисио Почетино не остана рамнодушен на акцијата на приврзаниците. Тој повика на единство во овој важен момент и повика да се донесат заклучоци по завршувањето на сезоната.