Фудбалските репрезентации на Шпанија и Португалија одиграа нерешено 0:0 вечерва, на пријателски натпревар во Мадрид.
Натпреварот на стадионот Атлетико Мадрид – Ванда Метрополитано го следеа 14.743 навивачи, што е најголема посета во Шпанија на еден настан од почетокот на пандемијата.
Екипите не направија многу шанси, а во 22-та минута беше поништен голот на Португалија на Жозе Фонте поради фаул кој го направи пред да ја испрати топката во мрежата со глава.
Од друга страна, Алваро Мората пропушти неколку прилики, вклучително и во продолженијата, кога ја погоди гредата.
Шпанската репрезентација нема играно пред домашната публика од ноември 2019 година, кога ја победи Романија со 5-0 во квалификациите за Европското првенство.
Навивачите влегувале на стадионите во фази и сите морале да носат заштитни маски. Забрането беше консумирање храна, пијалоци и цигари, а навивачите се држеле на дистанца на трибините.
На стадионот имало и неколку стотици португалски навивачи.
Португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо доби аплаузи и свирежи кога излегол на теренот да се загрее.
Европското првенство започнува на 11 јуни, а Шпанија го игра последниот подготвителен натпревар пред турнирот во вторник против Литванија. Бранителот на титулата Португалија ќе игра во среда како домаќин против Израел.
Португалија ќе игра во групата Ф со Германија, Франција и Унгарија, а Шпанија е во групата Е со Шведска, Полска и Словачка.