Поразот на Ливерпул од ПСЖ и елиминацијата од Лигата на шампионите предизвика бран фрустрации кај навивачите, а главен виновник, барем според нив, е Дарвин Нуњез.
Уругвајскиот напаѓач промаши еден во пенал-рулетот а неговата слаба игра во текот на двомечот дополнително го зголеми незадоволството. Навивачите се револтирани, многумина повикуваат на негово заминување, верувајќи дека тој никогаш не успеал да се наметне како клучен играч за тимот.
Сезоната за Нуњез не оди според планот – на 39 настапи постигна само седум гола и запиша шест асистенции, што се бројки далеку под очекувањата за играч за кој Ливерпул пред три години плати 85 милиони евра. Неговиот пад во тимската хиерархија и губењето на статусот на редовен првотимец се јасен показател за неговото недоволно влијание врз играта на тимот.
Елиминацијата од Европа и неговиот неконзистентен настап оваа сезона само го зголеми незадоволството кај навивачите, кои сметаат дека Нуњез не ги оправда очекувањата или инвестицијата. Многумина го обвинуваат дека никогаш не се адаптирал на стилот на игра на Ливерпул, а се почесто се споменува можноста за негово заминување во летниот преоден рок.
На социјалните мрежи, фрустрираните фанови не штеделе зборови.
„Не можам повеќе да те бранам! Завршив со тебе…“, „Нуњез беше лош цел натпревар, промашувањето на пеналот беше неизбежно“, „Тој едноставно не е доволно добар“, „Ти си ужасен фудбалер“, „Најлошото нешто што му се случило на Ливерпул“, „Апсурдно е што се нарекува напаѓач“…., се само дел од коментарите на револтирани навивачи.