Заменик-претседателката на тамошната Влада и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон ги осуди навредите и провокациите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски упатени кон Македонија и премиерот Димитар Ковачевски.
-Ова е немил настан и се надевам дека министерот Османи денеска ќе испрати протестна нота. Се работи за навреда на македонските граѓани и јас бев сведок и ги осудував неговите изјави. Сите овие провокации кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови.. Ги повикувам сите пријатели од соседна Бугарија да се воздржат од вакви несоодветни коментари кои внесуваат раздор и конфликти меѓу населението, одговори Фајон на новинарско прашање.
Таа додаде дека секоја провокациска изјава бара реакција.
-Во слична ситуација би реагирала и јас така, истакна Фајон.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска најави дека МНР ќе поднесе протестна нота поради говорот на Џамбаски на социјалните мрежи.
Џамбаски во своето контроверзно и провокативно видео вчера изјави дека „Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов“.
Џамбаски додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година и повторно ја спори посебноста на македонскиот јазик. Тој покажува мапа на која Македонија е припоена со Бугарија.
-Димитар Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка иделогија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски. Ние Бугарите одлучуваме кои сте вие, не вие Димитар, ниту Белград или Кремљ. Македонија е бугарска и ќе биде, вели меѓу другото Џамбаски во своето видео, кое е исполнето со голем број навреди и говор на омраза.