Најмалку 151 лице загина за време на прослава во Сеул, прогласена е национална жалост

од Vladimir Zorba
125 прегледи

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јеол прогласи национална жалост откако 151 лице загинаа во огромна мешаница по повод Ноќта на вештерките во дел од Сеул познат по својот ноќен живот.

Џун изрази сочувство до семејствата на жртвите, главно тинејџери и млади луѓе на возраст од дваесетина години, а на сите повредени им посака брзо закрепнување, пренесе Ројтерс.

„Ова е навистина трагично. Трагедија и катастрофа што не требаше да се случи во срцето на Сеул претходната вечер“, се вели во изјавата на претседателот.

Огромна толпа која славеше во популарна област на Сеул синоќа се прелеа во уличка, соопштија официјални лица, додавајќи дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Шефот на противпожарната бригада соопшти дека досега е потврдена смртта на 151 лице, меѓу кои 19 странци. Тој додаде дека се повредени 82 лица, од кои 19 потешко.

Тоа беше прва прослава на Ноќта на вештерките во Сеул во последните три години, бидејќи земјата ги укина ограничувањата за Ковид-19 и социјалното дистанцирање. Многумина кои присуствуваа на прославата носеа маски и костими.

Ројтерс наведува дека во тесна уличка утринава можеле да се видат лични работи помешани со дамки од крв.

Многумина загинати се во близина на ноќниот клуб, изјави началникот на противпожарната служба.

Дел од жртвите се девојки на возраст од дваесет години, а странците кои загинаа се од Кина, Иран, Узбекистан и Норвешка.

Сведоците опишаа дека толпата се повеќе се зголемувала како што одминувала вечерта. Хаос настанал по 22 часот по локално време, додека полицијата, која го контролирала настанот, се обидувала да ја контролира толпата, велат очевидци.

Еден од нив изјави дека пред инцидентот имало јасни знаци на неволја во уличката. Тој за Ројтерс изјави дека на местото имало 10 пати повеќе луѓе од вообичаено.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажаа стотици луѓе стуткани во уличка, згмечени и неподвижни, додека полицијата и службите за итни случаи се обидуваа да ги извлечат.

Началникот на противпожарната служба рече дека сите загинати се во уличката, која продолжи да се полни и откако се наполни од ѕид до ѕид, а тие што беа на врвот почнаа да паѓаат, а другите над нив.

Една жена рече дека нејзината ќерка била извлечена од под толпа луѓе откако била заробена повеќе од еден час.

Импровизирана мртовечница била поставена во зграда недалеку од местото на трагедијата, што се случи во областа Итаевон во Сеул, популарна меѓу младите Јужнокорејци и странците. Таа е полна со кафулиња и ресторани, кои беа целосно резервирани на Ноќта на вештерките.

„Можете да видите големи толпи на Божиќ и кога има огномет… но оваа беше неколку десетици пати поголема од било која пред тоа“, изјави еден 21-годишен маж за Ројтерс.

Американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Риши Сунак изразија сочувство за трагедијата.

Ова е најтешката трагедија во Јужна Кореја откако потона траект во 2014 година кога загинаа 304 лица, главно средношколци.

Слични содржини