НБ: Макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата

од Aleksandar Todeski
188 прегледи

Последните макроекономски показатели на Народната банка се движат во согласност со очекувањата, информираат од таму. Заклучоците на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка се дека согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена.

Сепак, како што наведуваат во соопштението, повторно се нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, како и ризиците од домашниот контекст.

„Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции. Притоа, беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, од почетокот на годината, постојано придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања. Во вакви услови, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25 отсто и на аукцијата на благајнички записи на 13 ноември 2019 година да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари, односно ист износ како износот што достасува“, стои во соопштението.

За најновите макроекономски показатели за домашната економија, по растот на економијата од 3,6 отсто во првата половина на годината, од Народната банка наведуваат дека високофреквентните податоци за економската активност расположливи за третиот квартал главно упатуваат на натамошен раст на економската активност, при поповолни поместувања во индустријата, трговијата и градежништвото.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите десет месеци од годината изнесува 0,9 отсто, при очекувана инфлација од еден отсто за оваа година и урамнотежени ризици.

Во однос на показателите од надворешниот сектор, според Народната банка, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Кај депозитите и кредитите, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, согласно со очекуваната патека во рамки на октомвриските проекции.

„Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните деловни банки се задржа на релативно стабилно и високо ниво, поради што тие и натаму имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Вишокот слободни денарски парични средства и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, што овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции. На девизниот пазар движењата се одликуваа со умерено пониска понуда на девизи, што произлегуваше главно од корпоративниот сектор и придонесе банките, по пауза од три месеци, во октомври повторно на нето-основа да продаваат девизи за нивните клиенти. Ваквата нето-позиција на банките во трансакциите со нивните клиенти услови понизок месечен обем на интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од пазарот“, велат од Народната банка.

Слични содржини