Народната банка ги предупредува граѓаните во земјава дека вложувањето во крипто-валути е високоризично, дека тие не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени доколку дојде до загуби ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот што издал некое крипто-средство.

„Не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства кај нас, како и во други земји, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата – тие се специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, кое не е издадено ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем,велат од НБ.

Исто така, потсетуваат дека вложувањето во крипто-средства значи изложување на многубројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот.

„Со оглед дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот. Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам“, велат од Народната банка.

 

 

Слични содржини