Според американските медиуми, НБА лигата одлучила да го откаже тестирањето на играчите за канабис во претстојната сезона од безбедносни причини.
Раководството на НБА-лигата на тој начин ја продолжи одлуката донесена ова лето, кога лигата продолжи да игра во „балонот“ во Орландо по паузата заради пандемијата на коронавирус.
Според американските медиуми, НБА ја донела оваа одлука со цел кошаркарите да избегнат, покрај веќе строгите безбедносни протоколи, да бидат изложени на дополнителни контакти.
Исто така се верува дека оваа одлука доведува до целосно укинување на тестирањето за канабис во НБА лигата, особено затоа што голем број американски федерални држави значително ги олабавија законите кога станува збор за марихуаната.
„Кога правилата ќе се променат вака, мора да бидеме претпазливи затоа што испраќаме одредена порака до младите. Исто како во случајот со алкохолот, ние мора да ги научиме младите луѓе да користат вакви супстанции одговорно и да не им дозволуваме да преземаат контрола врз нивните животи“, соопштил комесарот на НБА, Адам Силвер.
Според ЕСПН, во САД има само шест држави кои не легализирале употреба на канабис во каква било форма, а тоа се Индијана, Џорџија, Северна Каролина, Тексас, Тенеси и Висконсин.