НБА: Селтикс против Голден Стејт за „прстенот“

од Vladimir Zorba
293 прегледи

Кошаркарите на Бостон го победија Мајами со 100:96 (32:17, 23:32, 27:26, 18:21) во седмиот натпревар од финалната серија на Источната конференција и ќе играат со најдобриот тим на Западот, Голден Стејт, за шампионскиот прстен.

Селтикси по 14 години изборија пласман во големото финале на НБА лигата во решавачкиот натпревар во Мајами, а во дуелот со Вориорс ќе се борат за 18-тата титула во историјата на франшизата.

Во седмиот натпревар од финалето на Истокот, гостите повторно стигнаа до триумф благодарение на одличната одбрана и тоа што имаа поголем број играчи кои во добра форма го дочекаа крајот на сезоната.

Џејсон Тејтум повторно беше најдобар во победничкиот тим со 26 поени (9/21 шут), десет скока и шест асистенции, Џејлен Браун и Маркус Смарт постигнаа по 24 поени, додека Грант Вилијамс постигна 11 поени.

Уште една одлична дефанзивна игра прикажа Ал Хофорд, кој имаше 14 уловени топки (со пет поени), а клучниот скок беше по промашениот удар на Батлер, по кој Селтикси имаа напад од кој стигнаа до недостижно водство од четири поени.

Кај Мајами Џими Батлер имаше 35 поени, Бам Адебајо постигна 25, а Кајл Лори 15 поени.

Првиот натпревар од големото финале е закажан за ноќта меѓу 2 и 3 јуни во Сан Франциско, а нов шампион на НБА лигата ќе биде тимот кој прв ќе стигне до четири триумфи.

Слични содржини