На 25 февруари Народна банка донесе одлука за олеснување на начинот и условите под кои македонските граѓани можат да отвораат и да имаат сметки во странство.
Економските аналитичари сметаат дека оваа одлуката на Народна банка фрла голем сомнеж, заради политичките околности во кои е донесена. Тие сметаат дека времето ќе покаже зошто е направен ваквиот тип на либерализација.
Според поранешниот министер за финансии и професор Никола Поповски, одлуката е донесена избрзано.
– Во Македонија во овој момент се отвораат сериозни процеси за справување со криминалот во државните институции, корупцијата во нив и државните функционери. Голем дел од нив имаат двојни државјанства и пасоши на други држави, така што ваквото либерализирање остава можност законски да се изнесат средствата стекнати на коруптивен начин – вели Поповски.
Тој додава дека, Народната банка 20 години води политика на претпазливост на либерлизација на капиталните сметки, а времето ќе покаже зошто е донесено ова олеснување и какви трансакции ќе се случат врз основа на него.
Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, гувернерот треба да ги објасни поводот и причината за оваа одлука.
– На јавноста треба точно да и се објаснат поводот и причините за направените измени со кои се олеснува отворањето на сметки на физички лица надвор од државата Кои се побудите, дали да им олесни на граѓаните или пак да се овозможи незаконско стекнатите пари да се изнесат од Македонија – вели Најдовски.
Од Народна банка за „Мета“ изјавија дека лица кои имаат македонски пасош може да отворат сметки во странски банки, со тоа што за важечки документ со кој се докажува привремениот престој во странство отсега се смета и визата.
– Во однос на отворањето сметки во странски банки од страна на резиденти физички лица е појаснето дека, за важечки документ со кој се докажува привремениот престој во странство „се смета документот издаден од надлежен орган во државата со којшто се регулира престојот во таа земја“, за разлика од претходната одредба со која се определуваше дека „за важечки документ за престој во странство не се смета визата евидентирана во патната исправа, туку тоа треба да биде друг документ издаден од надлежен орган во државата со кој што се регулира престојот во таа земја“. Во суштина, со оваа измена само се врши усогласување со практиката на некои држави каде што со визата евидентирана во патната исправа се регулира и привремениот престој во таа држава – велат од Народна банка.
Значајна нова одредба во делот со кој се регулира слободното отворање и имање сметки кај странски банки е и дека, резидентот физичко лице може средствата од сметката да ги пренесе во Македонија и по истекот на рокот на важност на документот за престој или работа во странство, како и документот за стекнати права.
