Премиерот на Албанија, Еди Рама вчера порача дека премиерот на Црна Гора во својот технички мандат Дритан Абазовиќ изразил намера да организира неформален самит на иницијативата Отворен Балкан во Црна Гора во јуни годинава.
Тој оценил дека оваа иницијатива е „неопходна и комплементарна на берлинскиот процес“.
„Му благодарам на Абазовиќ за изразената желба да го организира Самитот Отворен Балкан во јуни во Црна Гора, имајќи предвид дека Берлинскиот процес ќе има самит во Тирана на почетокот на есента. Тврдам дека Отворен Балкан е неопходен за да заживее ритамот на сите вредности и барања кои произлегуваат од берлинскиот процес“, рекол Рама по свечената седница на двете влади во Подгорица.
На свечената седница биле потпишани повеќе меѓудржавни договори и меморандуми за соработка во областа на инфраструктурата, енергетиката, рибарството, заштитата на растенијата, социјалната заштита, спортот, културата и медиумите, одбраната и здравството.
Албанскиот премиер е на мислење дека иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес се комплементарни и неопходни.
„Не можеме да бидеме задоволни само со лидерството на Берлинскиот процес, туку треба да ги ставиме на располагање нашите сили за да ги оживееме идеите кои се основата на таа иницијатива“, истакнал Рама.
Албанскиот премиер порачал дека зад иницијативата Отворен Балкан не треба да се бара скриената рака на Кина, Русија или Германија.
„Не барајте Кинези, Руси, Марсовци, па дури ни Германци зад таа иницијатива. Отворен Балкан е наша иницијатива за заживување и спроведување на принципите и целите на Берлинскиот процес. Кој сака да види Кинези, Руси, Марсовци во овој процес, слободно може да ги види“, рекол Рама.