Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски оствари средба со претставникот на ЕУ во Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.
Мицкоски на средбата посочил дека не е европски Македонија да се условува за нејзиниот јазик, идентитет и историја, кои се дел од личната карта на еден народ.
„Македонија има право на своите идентитетски обележја“, рекол лидерот на опозицијата.
Алармирал, како што вели, на сѐ поголемиот хаос во државата создаден од страна на премиерот Зоран Заев, на кој, според него, „му е поважен партискиот рејтинг и бизнисот на фирмите блиски нему одошто државата“.
– Лошото справување со здравствената криза се докажува со огромниот број починати и заразени, како и тоа дека здравствениот систем е пред колапс, истакнал Мицкоски.
Се заблагодарил на амбасадорот Гир за поддршката која ја добива Македонија од Унијата, како и силните заложби за демократизација, воедно посочувајќи дека треба да се обрне внимание на борбата со криминалот и корупцијата, кои за жал, вели, „се на катастрофално ниво поради отсуство на волја од страна на власта“.