Агенцијата за лекови Малмед иницираше вонреден и надзор во однос на тоа дали е почитувана или не е почитувана потстапката за клиничко испитување на хемофилтрација како метод на лекување на ковид-19. Според првичните информации не е испочитувана, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во клиниката и овој наод ќе го добиеме уште во текот на утрешниот ден, информира денеска министерот за здравство, Беким Сали околу наводите што ги објави ИРЛ за сторијата со приватната клиничка болница „Жан Митрев“.
Министерот закажа и прес конференција за в среда во 11 часот.
Денеска се огласија и од болницата, велејќи дека „овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа“.
-Истите се вознемирувачки и за нашите пациенти, целиот наш тим и нивните блиски кои посветено и чесно работат сите овие години. Ние како институција практикуваме исклучиво медицина базирана на докази. Од самиот почеток, но и во иднина ние бевме и ќе останеме професионални во вршењето на својата деловна активност и ќе продолжиме грижливо и стручно да им помагаме на нашите пациенти за целосно подобрување на нивното здравје, додаваат од Клиниката и потенцираат дека нивните следни чекори ќе бидат во насока на искористување на сите правни можности согласно законите.