Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека се уште не е изготвен обдукцискиот наод за 14-годишната Вања Ѓорчевска и не е доставен до нив. Апелираат да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката.
Велат дека се во постојана комуникација и размена на податоци со Институтот за судска медицина, а во интерес на истрагата не се соопштуваат повеќе детали за анализите и проверките кои се прават.
-Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат, истакнуваат од Обвинителството.
-Инаку подолгиот период за обдукцискиот наод е потребен бидејќи не станува збор за обична обдукција, додаваат оттаму.
Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено пред недела дена, во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
Заднината на случајот со Ѓорчевска била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството.