Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу обвини дека раководоството на ДУИ, пред се Блерим Беџети и Бујар Османи, стојат позади постапките на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и нејзиното „ловење“ на дивоградби. Тој ѝ порача на градоначалничката дека ѓубрето во Чаир е плод на нејзиниот страв што ќе изгуби на локалните избори. Ганиу на прес-конференција изјави дека Чаир не е шаховска фигура.
Според него, доколку има докази за нелегални објекти, надлежните органи треба да постапат, а не градоначалничката да игра улога на истражен орган. Тој информира дека во 2005 година, според новата територијалната поделба, само мал дел му припаѓал на поранешната општина Чаир, а другот дел на општина Центар.
-Нашите сограѓани, близу 80% беа без документи и имаа дивоградби. Ние поправаме историја и Законот за легализација се спроведуваше како низ цела држава. Имаше блиску 500 илјади дивоградби во Македонија. Замислете сите дивоградби да ги барате во Чаир во три километри квадратни? Мислам дека не е коректно. Никогаш во пристапот не сум сакал да се споредувам со други, но Чаир не е ниту петта или шеста општина во Скопје по број на дивоградби. Ова е шоу што го прави Арсовска. Јас 3,5 години ја молам да се координираме, а она само два пати не повика и никогаш не ги бара градоначалниците ниту на координации. Петте најголеми претпријатија таа ги води, кажа Ганиу на прес-конференција, додавајќи дека последната зграда, за која Арсовска велеше дека е дивоградба и снимаше во живо на социјалните мрежи, општина Чаир не ја легализирале.
-Не е во ред мене да ми каже дека ми ја палат колата. Сите гледате дека мојата е приватна и тука е на паркинг. Тоа се евтини трикови. И за тоа ќе покренам судски постапки, додаде градоначалникот и истакна дека општината не должи седум милиони денари кон „Комуналец“, иако Арсовска го тврди спротивното.