Финансиските средства за пругата кон Бугарија нема да може да се пренаменат, но со кредиторите може да се зборува за нов заем, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
-Кога барате наменски кредит, не може за друго да го користите. Може само да ги замолиме да ги резервираат средствата и да аплицираме за нов заем, изјави денеска министерката за финансии на средба со новинарите.
Димитриеска-Кочоска вели дека имала средба со претставници на Европската инвестициска банка и дека отворено ги изнела сите аргументи. Според неа, кој е економскиот бенефит од изградбата на оваа пруга, многу поважна е, вели пругата кон Солун за домашните компании.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека нема намера 550 милиони евра да троши на пруга која завршува во слепа улица.
-На памет не ми паѓа како премиер да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица, а половина тунел без предвидлива иднина. Ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата во Коридор 10 за да може возовите наместо 30 на саат да возат 100 на саат, порача Мицкоски.
Неговата реакција следеше откако бугарската влада изрази загриженост по најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Но Мицкоски смета дека Бугарија за внатрешно – политички потреби ја политизира најавата на Владата, тврдејќи дека се работи за инженерски проблем, односно дека од бугарска страна не постои јасен проект.