Не е напад врз семејство, најверојатно е снимено од револтиран работник или член на ССМ – порачаа од пратеничката група на ВМРО за видеото со децата на Трендафилов

Пратениците од најголемата владејачка партија во одбрана на Стојаноска која го објави спорното видео од Трендафилов со неговите деца

од Nikola Popovski
106 прегледи Фото: Фејсбук

„Наместо да се сокрие од срамот пред македонскиот работник, Слободан Трендафилов одбра со невидена дрскост, паника и нервоза да ја напаѓа пратеничката Дафина Стојаноска, глумејќи жртва за да го прикрие сопствениот скандал. Ова не е напад врз семејство, ова е очајнички крик на еден „синдикалец“ кој мисли дека со солзи и етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз“, велат од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение вперувајќи го прстот во првиот синдикалец на државата по објавеното видео од неговите деца и службеното возило на ССМ.

Пратениците од власта јавно го повикуваат Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес.

За видеото што го објави пратеничката Дафина Стојаноски, нејзините партиски колеги велат: „Ова видео не е напад, туку огледало во кое Трендафилов не може да се погледне, бидејќи во него гледа функционер кој треба веднаш да си замине и да сноси кривична одговорност“.

„Слободан Трендафилов ќе остане запаметен како „синдикалец“ кој нема склопено ниту еден договор корисен за македонскиот работник во текот на целиот негов мандат. На крајот, нападот врз нашата колешка Дафина Стојаноска е само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот. Кога немате аргументи, се служите со навреди и етикетирања“, стои, меѓу другото, во реакцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Сојузот на синдикати утре продолжува со најавените протести за зголемување на минималната плата на 600 евра. По вчерашната блокада пред Собранието, утре ќе застанат пред Стопанската комора и одново ќе побараат повеќе пари на сметките на работниците.

Трендафилов побара МВР да утврди кој ја снимал видеоснимката и да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет на Стојаноска, со цел да преземе правни мерки и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши од функциите.

Видеото е објавено за време на блокадата на Собранието, организирана од ССМ како дел од протестите за покачување на минималната плата. На видеото, чиј линк го сподели Стојаноска, се гледа како Трендафилов и неговите две деца влегуваат во возило.

Трендафилов барање за реакција против пратеничката упати и до министерот Панче Тошковски притоа прашувајќи го „Дали службите го следат претседателот на ССМ и му ги снимаат децата?“. Тој побара и апсења за сторителите.

Според Трендафилов, јавниот обвинител треба да покаже дека правдата е еднаква за сите. Тој вели дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот.