Градот Скопје денеска информира дека не е неопходно целосно затворање на кејот за изведба на мостот на Љубљанска од страна на инвеститорот и изведувачот.
„Сепак, треба да потенцираме дека во овој проект Град Скопје се појавува само како иден корисник, додека инвеститор на проектот е Влада на РМ, финансиер на истиот е ТАВ Македонија, а изведувач на проектот е ТАВ ТЕПЕ АФКЕН, а како подизведувач е ангажирана компанијата ГРАНИТ АД Скопје. Реализацијата на овој мост е дел од проектот на Владата за промена на намената на средствата од концесискиот договор со ТАВ Македонија, кои требаше да бидат искористени за карго аеродром во Штип и наместо тоа, истите се инвестираат во проекти од локално значење“, велат од Град Скопје.
Во конкретниот случај, велат дека Градот воопшто не бил консултиран за затворање на кејот и спортско рекреативната патека и истото е сторено од страна на изведувачите.