Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање изјави дека не е точно дека после арбитражната постапка повторно ќе се отвори рудникот Казандол.
-Причина за да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на владата за формирање на рудникот Казандол. Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, имаат штета и покренале арбитража против државата во вредност од 115 милиони евра, односно имале оштетно побарување од 115 милиони евра. И го изгубија. И тоа значи дека тие веќе немаат концесија. Така што не е вистина дека со ова што компанијата изгубила сега веќе ќе има отворање на рудникот. Тоа е повторно конструкција и обид за манипулација од одредени кругови кои не и мислат добро на Македонија и граѓаните, дециден е Мицкоски.