За црната листа, не би можел да коментирам. ние сме македонска Влада, тие се американска Влада. Си имаат процеси, правила и начин на селекција. Но, од тоа што го слушнав е дека во периодот кој што следи ќе има нови имиња и дека не е затворена црната листа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски за „освежувањето“ на американската црна листа со санкции.
Во периодот кој што следи, кажа Мицкоски, таа ќе биде ажурирана врз основа на доказите со кои што располагаат тие органи што ја креираат листата на санкции.
Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека црната листа на САД е многу динамична и дека постојано се дискутира за нови имиња. Таа нагласи дека нема конкретна временска рамка за додавање нови лица на листата, бидејќи тоа е одлука на Вашингтон.
Денеска порача дека не е изненадена од фактот што на листата се најде и поранешен вицепремиер од земјава.
-И моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, судството, меѓу кои било други, не би бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е постојано вистинита е кога САД објавуваат назначување на некој поединец, никој не вели „боже, не ми се верува“. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. Ова е нешто за кое што тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Воопшто не бев изненадена, кажа Агелер за Артан Груби.
Досега на оваа листа се најдоа бројни имиња на политичари и бизнисмени од земјата и нивните семејства. Стејт Департментот неодамна ги стави на црна листа екс-вицепремиерот Груби и судијата од Апелација, Енвер Беџети. Од претходно на листата се градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и екс-специјалната обвинителка, Катица Јанева, како и нивните семејства, на кои им е забранет влез во САД. Минатата година, на црната листа беа ставени и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, а од претходно се и Сашо Мијалков и Никола Груевски.