И денеска не сообраќаат дел од приватните автобуси. Автобусите на „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 повторно не возат поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје“, односно Град Скопје, не им го исплатил долгот.
Без епилог заврши и вчерашната средба помеѓу претставници од приватниот превозник „Слобода превоз“ и Град Скопје.
-Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот сè уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Тој наведе дека градот им должи над 1,36 милиони евра, што е голема сума и нема објаснување зошто ЈСП не ги плаќа парите иако само од ученичките слободни карти има сигурна наплата од државата.
Во однос на прекинот на превозот на приватните превозници, градоначалничката Данела Арсовска е децидна дека не постои долг.
-Од 1-ви јуни 2022 до сега исплатени се 11 милиони од 120 милиони денари фактурирани од страна на „Слобода превоз„. За „Макекспрес“ за последните 6 месеци има фактурирани 44 милиони денари и сите се платени. Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз” и на „Макекспрес” овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите оние долгови коишто се изгенерирани во изминатите години, порача Арсовска.
ВМРО-ДПМНЕ ја повика Арсовска да не го политизира штрајкот и решавањето на проблемите со приватните превозници.
-Тоа нема никаква врска со политиката, туку со отсуството на способност да се носат вистински одлуки во градот Скопје од страна на градоначалничката. Да се тргнат политичките флоскули на страна и Арсовска да започне да ги решава проблемите на скопјани и да не ја користи ВМРО-ДПМНЕ како изговор на сопствената неспособност, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на градоначалничката.
Дел од скопјани кои имаат секојдневни обврски не го криеја нездоволството дека зачестиле проблемите со јавниот превоз, а во јавноста имаше реакции од жители на главниот град дека по еден час доцнеле на работа поради метежот на улиците.
Крајот на октомври, пак, линиите кои ги држеше приватниот превозник „Макекспрес“ – 19, 20, 22, 52 и 54, престанаа да сообраќаат.