Засега нема најави од ВМРО-ДПМНЕ како ќе гласаат на утрешната интерпелација за јавниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од пратеничката група на Левица до Собранието. Вака може да се сфати денешниот одговор на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Тој изјави дека јавноста ќе види утре, но дека „не ги менува ставовите преку ноќ“ како човек и како претседател на најголемата владеачка партија.
Собраниската расправа за интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител е закажана за вторник, 29 јули. Коцевски писмено одговори на интерпелацијата поднесена од шестмината пратеници на Левица, притоа обвинувајќи ги за политичка злоупотреба и неразбирање на функцијата што тој ја извршува.
Коцевски вели дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност.
„Затоа ќе одговорам детално и образложено на сите наводи и во оваа интерпелација, иако нејзиното поднесување согласно закон е недозволено и претставува само потврда за неоснованоста на нападите со кои се соочува институцијата со која раководам и кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто“, додава тој.
Според Коцевски, постапката за одговорност на републичкиотјавен обвинител е уредена со lex specialis, односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата.
„Тоа е така за да се гарантира функцијата на Јавниот обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето“, посочува Коцевски.